СЕРИОЗЕН УДАР ЗА ИДНИТЕ ПЛАНОВИ НА АВ ОХРИД

Девин Брукс си замина од Охрид,продолжува во Динамик

Најдобриот играч на охридскиот прволигаш одлучи во наредниот период да настапува во соседна Србија, односно да ги одигра натреварите во Суперлигата...

објавено: 20 април 2017 - 15:17

Девин Брукс повеќе не е „жител“на Охрид. Најзаслужниот што екипата на АВ Охрид и во следната сезона ќе настапува во Првата лига се одлучи играњето во Македонија да го замени со она во Србија.

Односно американскиот плејмејкер се согласи(л) на условите до договорот кои пред него му ги дало раководството на српскиот суперлигаш Динамик. Па во наредниот период ќе го заработува својот кошаркарски „леб“ во соседството. 

Еден сосема изненадувачки момент, барем онака „на хартија“, особено ако се земе в предвид дека за кратко време Брукс стана најважниот дел во тимот од Охрид. Пред се затоа што на осум средби во домашниот шампионат застана на просек од 24. поени, но и неверојатни, барем за еден бек, десет скока, плус и 4.3 асистенции.

Претходно, американскиот бек имаше и неверојатен увод во оваа „македонска кариера“, и тоа со одлично индивидуално издание во четвртфиналето од Купот на Македонија против Фени Индустри во Кавадарци.

Во Охрид сигурно ќе се паметат сите оние потези кои Брукс ги имаше за овој краток престој. Особено на дуелите во плеј-аутот каде практично самиот го однесе тимот во „спасоносни води“. 

„Се договоривме со Брукс да биде ослободен од понатамошните обврски спрема нашиот клуб. Впрочем неговиот договор беше со важност од три месец, со опција истиот да биде продолжен и за наредната натпреварувачка сезона. Затоа, за да не губи дел од оваа сезона која кај нас заврши нешто порано, не гледавме причина, кога тој го побара тоа од нас, да не му излеземе в пресрет за да заработи уште нешто. Односно да ја доигра оваа сезона како играч на српскиот прволигаш Динамик. Договорено е кога сето тоа ќе заврши да седнеме и уште еднаш да ги дефинираме понатамошните чекори во таа насока. Ние како клуб сме презадоволни од тоа како Девин Брукс ги одигра овие натпревари, сакаме и понатаму да биде дел од тимот кој почнуваме да го формираме за следната сезона. Ќе работиме АВ Охрид да биде уште поконкурентен во следната сезона“- велат од раководството на тимот од Охрид  

Најново во Кошарка