ПОРАНЕШНИОТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ ОСТАНУВА НА ЈУГОТ

Димчевски продолжува во Кожув

Довчерашниот играч на Стурмица веќе одработи неколку тренинзи со „црвено-белите" и ќе биде во комбинација за наредниот првенствен меч против Работнички кој се игра викендов.

објавено: 1 февруари 2017 - 16:15

По Струмица на ред доаѓа Гевгелија. По играњето за Струмица во првиот дел, во оној вториот Ивица Димчевски ќе биде дел од екипата на Кожув со чие раководство се договори да остане до крајот на оваа натпреварувачка сезона.
На почетокот на оваа сезона, еден од најмалерозните играчи во македонската Прва лига зад себе ги остави сите проблеми кои ги имаше и во текот на ланската сезона, и повторно заигра кошарка, и тоа како играч на Струмица.


За време на својот престој кај некогашниот македонски шампион, екс-репрезентативецот на Македонија одигра и осум натпревари. притоа во просек реализираше по 7.5 поени, 4.5 скока, и 1.1 асистенција за некои 27. минути кои ги добиваше од тренерот Златко Зетов.
За време на паузата, и промените кои се случија кај струмичкиот прволигаш, Димчевски доби можност да ја промени играчката средина.
Го одбра Кожув, каде пак во бековската линија се отвори место, условено и со заминувањето на неколку играчи како Главчев и Цветковски
Поранешниот репрезентативец ќе биде играч плус во ротацијата на тренерот Игор Михајловски и екипата која во последно време бележи добри резултати.
Да не беше оној службен пораз поради суспензијата која на Кожув им ја изрече комесарот за натпреварување, „сликата" за тимот од Гевгелија ќе беше уште „поубава".
Инаку во текот на кариерата овој 27-годишен кошаркар беше дел и од екипите на Вардар и на Работнички, на Торус СЦБТ (2010-2012) и на Куманово (2012-2014 година).

Најново во Кошарка