ЗА РАЗЛИКА ОД МЗТ, ВО РАБОТНИЧКИ РАБОТИТЕ СТОЈАТ ПОИНАКУ

Докузовски: Странците мора да знаат дека вечното дерби е светост

„На полувремето, уште еднаш им потенцирав на Американците какво значење има вечното дерби во Македонија, дека не смеат да грешат и дека мора сериозно да пристапат“, изјави Марин Докузовски. 

објавено: 7 декември 2017 - 15:15

Работнички во многу работи беше класа за МЗТ Скопје на вечното дерби. За разлика од кошаркарите на шампионот (чест на исклучоци), кои едноставно не покажаа желба за победа и во ниту еден момент не одиграа тимски и солираа постојано, на другата страна теренот „црвено-белите“ функционираа многу поинаку. Па токму затоа и покрај пократката клупа, Работнички заслужено излезе како победник.

Придонес во осмата победа на Марин Докузовски и неговите избраници имаа и странските кошаркари, пристапот им беше многу поинаков. Искусниот стратег на Работнички не криеше дека на полувремето добри ги подбрал Американците, Маркус Џинјард и Расел Робинсон. Двајцата кошаркари во вториот дел одиграа многу подобро, со тоа што првиот постигна 20 поени и седум скока, а додека вториот имаше пет поени и четири асистенции. 

„На полувремето, уште еднаш им потенцирав на Американците какво значење има вечното дерби во Македонија, дека не смеат да грешат и дека мора сериозно да пристапат. Странците мора да знаат дека вечното дерби е светост во Македонија, може да загубиш седум мечеви, но мора да победиш на овој меч", изјави Марин Докузовски.

Вакво нешто за жал не можевме да видиме кај МЗТ Скопје, странците делуваа лабаво, најверојатно никој не се обидел да им одржи слична лекција. 

 

 

 

 

 

  

Најново во Кошарка