РАБОТНИЧКИ ВЕРУВА ВО 15. ШАМПИОНСКА ТИТУЛА

Докузовски: Заслужуваме титула

Сезонава Работнички има само два порази, беше најконстантен, не знае за пораз дома, но еден домашен кикс во финалето може да биде кобен, предупредува трофејниот тренер

објавено: 14 мај 2018 - 21:45

Тренерот на Работнички, Марин Докузовски, смета дека со константноста на игрите и резултатите, неговиот тим заслужил да го освои шампионскиот пехар. Докузовски му честиташе на Куманово за играта во полуфиналето, а сега најтрофејниот клуб ќе почне со подготовка за финалната серија. Публиката во „Градски парк“, веднаш по завршувањето на мечот со Куманово, скандираше „Сакаме титула“. Пораката е испратена, останува уште најтешкиот дел, три победи во големото финале.  

„Мислам дека заслужено сме во финалето, задоволни сме што Работнички после неколку години повторно е финалист. Иако резултатот во полуфиналето беше 3-0 и сите мислам дека беше лесно, јас од тренерски аспект ќе ви кажам дека воопшто не беше лесно. Куманово беше борбен, желен за докажување, јас им честитам, одиграа цврсто. Доста се намачивме, иако крајниот резултат не го покажува тоа. Досега не размислувавме на финалето, а од сега натаму, ќе се фокусираме само на тоа финале“ - изјави Докузовски.

Популарниот „доктор“ нема преференции околу тоа кого повеќе би посакувал за противник во финалната серија. 

„Ги почитувам двете екипи кои ни се можни ривали, нека си решат кој ќе биде финалист. МЗТ води со 2-1 и можеби е во предност, би играле евентуална мајсторка на свој терен, но не би прогнозирал и коментирал со кого повеќе сакаме да играме или што мислам кој ќе биде финалист“ - додава трофејниот стручњак.

Работнички сезонава не знае за пораз во „Градски парк“, и за да освои титула, во финалната серија против МЗТ или Блокотехна, доволни му се победи само на свој терен.  

„Би бил среќен кога би останале непоразени во нашата сала. Цела сезона сме константни, имаме само два порази, имаме шест победи повеќе од сите, затоа и сметам дека ја заслужуваме титулата. Но, во финалето може и да се случи да загубите еден клучен натпревар и да ја загубите титулата иако цела сезона сте биле добри и на врвот“ - завршува Докузовски кој со Работнички чека титула уште од 2009 година.  

Најново во Кошарка