СРБИНОТ ЈА ПОФАЛИ ИДЕЈАТА НА „ЦЕНТАРЦИ“

Џикиќ во „Градски парк“: Работнички има таленти, но и одлична идеја за нивни развој сѐ до првиот тим (ФОТО)

Поранешниот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Џикиќ, деновиве е во  и тоа како гостин на најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, тимот на Работнички и каде што го споделува своето знаење со кошаркарите и тренерите кои се дел од младинските категории на клубот од “Градски парк'.

објавено: 8 октомври 2015 - 11:14

Српскиот стратег во престолнината дојде на специјална покана на координаторот на младинската школа на „центарци", македонската кошаркарска легенда Тодор Гечевски, како дел од неговиот обид за ревитализација на некогаш најголемиот расадник на таленти во македонската кошарка.

„Се слушнавме телефонски со Тоше, тој ме праша дали можам да дојдам во Скопје неколку дена и ми испрати официјална покана, која јас веднаш ја прифатив. Сѐ излезе едноставно и лесно...“, вели Џикиќ за неколкудневната соработка со најтрофејниот клуб.

Работнички сезонава направи многу промени во првиот тим, а управата на клубот најави и ден нов проект, црпење првотимци од своите младински тимови, поради што ќе ги користат сите можни ресурси за една цел - подобрување на македонската кошарка. Џикиќ имаше шанса да работи со неколку генерации, а неговиот коментар за идејата на најтрофејниот македонски колектив е позитивен.

„Од она што јас го видов, Работнички тргнува од ново. Тие сакаат да направат школа која ќе исфрли играчи кои ќе одат од почетокот, односно младинските школи, па сѐ до првиот тим, што е одлична идеја. Клубот има здрава политика, затоа што се обидува да се базира на она што го има. Генерално, ова е добра шанса за македонските кошаркари кои себеси си мислат добро. Со напорна и макотрпна работа, талентите од овој клуб сигурно ќе го најдат патот до првиот тим. Што се однесува до тренинзите кои веќе ги одработивме, сѐ мина во најдобар ред. Не знам како моите вежби влијаат на кошаркарите и дали за нив ова е нешто ново, тоа прашање само тие може да го одговорат“, додава искусниот стратег.

На тренинзите на српскиот стратег беа и членовите на стручниот штаб на Работнички, Марин Докузовски и Перо Блажевски, кои не ја пропуштија можноста да го видат начинот на работа на поранешниот селектор, како и дел од тренерите од младинската школа, меѓу кои беше и поранешниот репрезентативец, Рист Стефанов.

На прашањето дали и во иднина би можеле да го видиме како дел од младинските школи на Работнички, или пак како дел од македонската кошарка, Џикиќ одговори:

„Навистина не знам. Јас дојдов овде да му помогнам на Тоше, а за друго не размислувам. Плус, јас нема да бидам единствениот тренер кој ќе биде овде. Ќе дојдат и други тренери, чисто да разменат искуства со луѓето кои работат во клубот“, заклучи екс-предводникот на „жолто-црвените“.

Србинот беше селектор на репрезентацијата во ланскиот квалификациски циклус за пласман на ЕП 2015, кој успешно го мина со подмладен состав, но неочекувано беше сменет на неколку дена пред почетокот на подготовките на годинешниот континентален собир, на кој жолто-црвените предводени од Марјан Србиновски не минаа сјајно. Џикиќ во моментов е без клуб откако ја заврши неколкугодишната соработка со словенечка Крка.

Мартин Танасковски

Фото: Денис Дуковски

Најново во Кошарка