ВО СОРАБОТКА СО ТОДОР ГЕЧЕВСКИ

Екс-селекторот во „Градски парк“: Џикиќ ќе работи со талентите и ќе ги едуцира тренерите на Работнички

Поранешниот селектор на македонската репрезентација, Александар Џикиќ, во следните четири дена ќе биде гостин на најтрофејниот кошаркарски колектив кај нас, тимот на Работнички, каде што ќе се обиде да пренесе дел од своето големо искуство на членовите на младинската школа на клубот од „Градски парк".

објавено: 5 октомври 2015 - 14:00

Српскиот стратег доаѓа на покана на координаторот на младинската школа на „центарци“, Тодор Гечевски, како дел од неговиот обид за ревитализација на некогаш најголемиот расадник на таленти во македонската кошарка.

„Џикиќ денеска треба да пристигне во Скопје, а од утре па во следните три дена ќе биде речиси цел ден во нашата сала каде што ќе работи со играчите кои се дел од нашиот подмладок. Но, можеби поважно, тој ќе се обиде да ги едуцира тренерите и да им даде важни насоки во обидот да дојдеме до крајната цел, а тоа е главнината од првиот тим да биде составен од кошаркари кои потекнуваат од нашата младинска школа. Тој е докажан пријател на македонската кошарка и верувам дека ова е само дел од соработката која и во иднина би ја имале со него“, ни изјави Гечевски.

Обновување на некогаш најголемиот извор на кошаркарски квалитет кај нас е главен приоритет на управата на Работнички во претстојната сезона, барем такви информации доаѓаа летово од тимот од „Градски парк“. Во моментов во школата на црвено-белите работат повеќе од 200 деца, кои влегуваат во тајните на кошаркарската игра. Најталентираните од секоја генерација се собрани во екипи кои ќе настапуваат во натпреварувањата под капата на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) и тоа почнувајќи до 14-годишна возраст.

„Патот кон успехот е тежок. Свесни сме дека не може сѐ да се постигне преку ноќ, но мора од некаде да почнеме. Работиме напорно веќе извесен период, а и во иднина планираме соработка со други еминентни стручњаци. Ова, сепак, е единствениот начин на излез од кризата не само на клупско туку и на репрезентативно ниво“, дополнува поранешниот капитен на репрезентацијата и еден од најголемите легенди во македонската кошарка.

Работнички на неодамнешниот Суперкуп настапи со плејада млада играчи, кои воопшто не се посрамотија туку напротив, надвор од сите прогнози, лесно го совладаа Кожув во полуфиналето и му пружија достоен отпор на МЗТ Скопје во големото финале.

 Игор Крстевски

Најново во Кошарка