НЕЗАДОВОЛНИ ОД ИГРИТЕ НА ТИМОТ ВО ТЕКОТ НА ОВАА СЕЗОНА

ЕКСКЛУЗИВНО: Навивачите дојдоа на тренинг и им одржаа „лекција“ на играчите на МЗТ Скопје! (Фото)

Симпатизерите забележуваат дека нема тимски дух, дека нема хемија и дека играчите не се борат за дресот на клубот кој оваа година прослави 50 години од постоењето

објавено: 2 декември 2016 - 13:06

Луѓето кои со децении го бодрат актуелниот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром, решија да го кажат својот глас. Навивачите денеска присуствуваа на тренингот во „Јане Сандански", салата каде поминале добар дел од својот живот и тоа само поради клубот кој е аеродромска гордост. Единствено „Спортмедиа“ имаше можност да присуствува и да ги слушне забелешките кои навивачите ги дадоа кон играчите.

Најверните симпатизери кои и сезонава не се откажаа и постојано се на трибините во салата, имаат големи забелешки за играта на „штрковите“. Откако заврши тренингот, сите играчи, вклучувајќи ги и тие од стручниот штаб, добија „лекција“ за тоа кој клуб е МЗТ Скопје Аеродром и како треба да се бранат „сино-белите“ бои. 

МЗТ сезонава игра многу слабо и во 17 натпревари во регионалната АБА лига и Еврокупот има само три победи и дури 14 порази.

„Од вас сакаме борба. Тоа сакаме од вас да го видиме. Не можеме да прифатиме тие пет играчи кои се на теренот да немаат никаква поддршка од останатите кои се на клупата за резерви. Не е проблем да се загуби некој меч, но проблем е тоа што нема тимски дух, нема хемија во клубот. Мора да се игра подобро и да се врати публиката на трибините“, беше дел од говорот на навивачите, додека играчите и стручниот штаб слушаа.

Овие добронамерни совети дадени од луѓето кои со децении покажале дека го сакаат клубот и во добро и во зло, се пренесени. Сега останува да се види дали играчите ќе го покажат тоа на теренот. Следниот меч „штрковите“ го играат в недела, во „Јане Сандански“ против фаворитот Будуќност. 

Најново во Кошарка