ВО ГОЛЕМОТО ГРАДСКО ДЕРБИ,РАБОТНИЧКИ ГО ПРЕЧЕКУВА МЗТ СКОПЈЕ

Епизода број 137 од „вечната приказна"...

Вечерашниот двобој (од 18.часот) на Работнички и МЗТ Скопје Аеродром е прв од потенцијалните осум кои ќе ги одиграат градските ривали меѓусебе во рок од околу два месеца. Скопските ривали после овој меч, ќе играат и два пати во Суперлигата, а можеби и уште максимум пет пати во потенцијално финале на плејофот.

објавено: 17 март 2018 - 12:00

Вечерашниот двобој на Работнички и МЗТ Скопје Аеродром е прв од потенцијалните осум кои ќе ги одиграат градските ривали меѓусебе во рок од околу два месеца.

Скопските ривали после овој меч, ќе играат и два пати во Суперлигата, а можеби и уште максимум пет пати во потенцијално финале на плејофот.
Ова е вкупно 137. меѓусебен дуел (во сите натпреварувања) на најтрофејните кошаркарски клубови во Македонија.

Во салата „Градски парк", каде вечерва од 18 часот ќе почне мечот, билансот е убедливи 44-17 за домашните.
Тимот на тренерот Марин Докузовски нема првенствен пораз сезонава и тоа го прави фаворит. Но, во овие дерби-натпревари, предноста на хартија не мора да значи ништо.
Плус тоа, МЗТ е актуелен шампион, а одамна не бил во ситуација да му гледа во грб на ривалот кој уште од 2009 година нема освоено титула.
Откако завршија со АБА лигата, сега „металците" се фокусирани само на домашното првенство. Во Купот покажаа дека може да бидат многу опасни кога мислат само на мечевите од домашните натпреварувања.

За разлика од финалето на Купот, кога Работнички беше без услугите на еден од своите клучни играчи, Маркус Џинјард, овојпат „црвено-белите" се комплетни.
Од друга страна, кај МЗТ веројатно ќе го нема Бојан Трајковски, а неизвесен е настапот на Дарко Соколов, и тоа се поголеми хендикепи. Во финалето на Купот не играа Марко Симоновски и Ѓорѓе Мајсторовиќ.
Се очекува добра посета, можеби и полна сала. Останува да се види како ќе се однесуваат странските играчи во двете екипи, на кои ова ќе им биде прво градско дерби во таква атмосфера.
Победа на непоразениот ќе значи дополнително зацврстување на првото место, а проблем за МЗТ да се задржи на трета позиција на која е паднат после неколкуте кикса, од кои последниот при гостувањето во Гостивар.
Прв сезонски пораз за Работнички ќе донесе разочарување кај нив, но не и промена на местоположбата на табелата.
Работнички ја има најдобрата, а МЗТ третата најцврста одбрана во лигата. Веројатно дефанзивите ќе го одлучат победникот.

Најново во Кошарка