ТИМОТ ОД АЕРОДРОМ ГИ ПОСТАВИ ЦЕЛИТЕ

Фокусот на МЗТ е домашната и АБА-лига, нема пријава за Еврокуп и ЛШ

„Поради одлуката на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) за задолжително играње во домашниот шампионат од самиот почеток, управата на клубот реши да не се пријави во ниту едно друго европско натпреварување и покрај отворените можности за пријавување во Еврокупот на УЛЕБ како и во Лигата на шампионите на ФИБА“, соопштија од таборот на МЗТ Скопје. 

објавено: 18 јуни 2017 - 19:20

МЗТ Скопје и за следната сезона не ги менува амбициите. Актулениот шампион максимално ќе биде фокусиран кон одбраната на титулата и освојувањето на Купот на Македонија, како и забележителен настап во АБА-лигата. Токму поради овие причини, но и одлуката на МКФ за задолжително играње во мак-првенство од самиот старт, МЗТ не пријави учество во Еврокупот на УЛЕБ и Лигата на шампиони. 

„Ангажманот на првиот тренер кој ја донесе титулата, Александар Тодоров, како и враќањето на поранешниот капитен и македонски репрезентативец, Дамјан Стојановски, се најдобра потврда дека амбициите на МЗТ Скопје Аеродром за следната сезона ќе бидат – ШАМПИОНСКИ.

Без разлика што се планира костурот на тимот да биде составен од македонски играчи, очекувањата на управата на клубот остануваат идентични како и во изминативе години, а тоа е освојување на двата трофеја на домашната сцена како и забележителен настап во АБА-лигата. Сѐ помалку од ова ќе се смета за неуспех, првенствено во делот на (не) продолжување на доминацијата во првенството каде што „металците" се шесткратни прваци по ред.

За остварување на оваа цел, додека другите размислуваат на летниот одбор, во сино-белиот табор деноноќно се работи во делот на обезбедување на условите потребни за работа како и за формирање тим кој ќе може да продолжи да чекори по досегашната патека на успесите. Тренерот Тодоров покрај Стојановски во моментов на располагање има уште двајца репрезентативци, Марко Симоновски и Адем Мекиќ како и одличниот американски бек, Ксавиер Темс. Во фокусот за пополнување на ростерот се буквално сите македонски играчи кои се на пазарот, а дури потоа, кога ќе се оформи домашниот дел од тимот ќе се размислува на странски засилувања.

МЗТ Скопје Аеродром во сезоната што претстои ќе се соочи со сериозен предвизик во исклучително силната АБА-лига со само 12 екипи во која речиси и да нема слаб ривал. Поради тоа, но и поради одлуката на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) за задолжително играње во домашниот шампионат од самиот почеток, управата на клубот реши да не се пријави во ниту едно друго европско натпреварување и покрај отворените можности за пријавување во Еврокупот на УЛЕБ како и во Лигата на шампионите на ФИБА.

Најново во Кошарка