ЦЕНТАРОТ ПОДГОТВЕН ЗА НОВИОТ ПРЕДИЗВИК

Гечевски: Сакаме Работнички пак да биде доминантен со играчи од сопствената школа!

Голема возбуда и нетрпение за почеток на новите обврски, се емоциите со кои во моментов се соочува Тодор Гечевски, една од најголемите легенди на македонската кошарка и од денеска нов координатор на младинската школа на Работнички.

објавено: 17 август 2015 - 14:52

Русокосиот центар е свесен за предизвикот кој е пред него, подготвен е да даде сѐ од себе за да дојде до посакуваниот резултат, но истовремено е свесен дека нема успеси преку ноќ.

„Најважно во моментов за клубот и за мене е да почне да функционира младинската школа на повисоко ниво, нешто за што максимално ќе работам во следниот период. Ќе го искористам сето мое искуство и знаење кои ги имам стекнати изминативе години за работите да тргнат во подобра насока, нормално во комуникација со тренерот Марин Докузовски и со управата на клубот. Верувам дека ќе направиме нешто добро, но мора да се знае дека нема успеси преку ноќ во во работата со младите категории“, ни изјави Гечевски.

Доскорешниот репрезентативец и учесник на четири завршници од Европските првенства (ЕП) верува дека примерот на Работнички ќе биде следен од останатите домашни екипи и дека тоа е единствениот пат кон излезот од кризата која во моментов владее во младинската репрезентативна кошарка.

„Се надевам дека ќе воведем нови работи кои ќе донесат резултат. Некоја првична цел во моментов би била за две-три години да имаме неколку играчи кои би тропнале на вратата на сениорската екипа, но кои истовремено би го привлекле вниманието на европската кошаркарска јавност. Исто така, сакаме Работнички во иднина да има многу подобри резултати од сега и тоа со домашни играчи, излезени од матичната школа. Искрено се надевам дека и другите клубови ќе почнат повеќе да работат со млади за да немам проблем како сега кога на половина од август најголем дел од екипите го немаат дефинирано играчкиот ростер“, дополни Гечевски.

Засега не е стоотстотно сигурно дека назначувањето на новата функција ќе значи и дефинитивен крај на играчката кариера, но во моментов се минимални шансите тој повторно да се појави во играчка опрема на паркетот.

И.К.

Најново во Кошарка