КОШАРКАРИТЕ ОД ШТИП ПОБЕДИЈА ВО „ГРАДСКИ ПАРК“

Гоце Делчев ги улови „лисиците“ за победничко деби во елитата!

објавено: 12 октомври 2014 - 19:14

Кошаркарите на Гоце Делчев со победа го почнаа својот прв настап во прволигашката елита откако попладнево, во салата „Градски парк“ во Скопје, го совладаа тимот на Водњански лисици (72-68) во пресметката на двата нови членови на друштвото на најдобрите.

„Студентите“ од Штип беа подобар противник во поголемиот дел од средбата, иако триумфот го осигураа во последниот период, во кој успеаја да ја вратат предноста која им „побегна“ во третиот дел од играта. „Лисиците“ имаа по што да жалат, со оглед на водството од осум поени на седум минути до крајот (63-55), но фантастичната серија 17-5 на штипјани буквално им ја зеде победата од раце.

Даниел Калов, беше најзаслужен за триумфот на Г. Делчев, со оглед на тоа што ја заврши средбата со дабл-дабл ефект од 20 поени и 11 скока, Никола Караколев додаде 18 поени додека Бранислав Радак средбата ја заврши со 10 поени. Стефан Крстевски со 23 поени и Петар Николиќ со 20 поени беа најдобри кај „лисиците“.

Во првиот меч од воведното коло, Карпош Соколи завчера го изненади Кожув среде Гевгелија, додека вечерва играат Струмица и Куманово. Кругот ќе биде затворен в среда, кога МЗТ Скопје ќе го пречека Фени индустри.

Најново во Кошарка