ПРОДОЛЖИ МАКЕДОНСКАТА ПРВА ЛИГА

Гостиварци без пардон, го „стопија" Фени

Би се рекло очекувано, Гостивар лесно излезе на крај во дуелот против екипата која грчевито се бори за „опстанокот", и тоа оној вистинскиот, да го одржи некогашниот шампион „во живот", што се вели да „преживее" (92:59).

објавено: 13 јануари 2018 - 18:55

Би се рекло очекувано, Гостивар лесно излезе на крај во дуелот против екипата која грчевитo се бори за „опстанокот", и тоа оној вистинскиот, да го одржи некогашниот шампион „во живот", што се вели да „преживее".

Затоа и не е чуден оној краен резултат на мечот одигран во салата „Младост"...

Гостивар – Фени Индустри 92:59 (29-13; 14-18; 26-22; 23-6)
Гостивар немаше проблеми во дуелот со она што остана од Фени Индустри.
Поквалитетната екипа уште во првата четвртина направи сериозна разлика. Поведоа гостиварци со (17:5), во само пет минути. Во оние други пет, стигнаа до уште поибедливи (29:13). Доволно играчите на Марјан Србиноски да подзастанат, а кавадарчани да намалат дел од негативата. До полувремето „стопија" дел од неа, Гостивар водеше со (43:31).
Третиот дел беше најефикасен. Погодуваа доста и двете екипи, но во резултатска смисла не се промени ама баш ништо. Домашните кошаркарки ја одржуваа разликата.
Предначеше довчерашниот играч на Фени Индустри, Андреј Магдевски, кому му се „потрефи" својот прв меч како играч на Гостивар да го игра токму против оној „довчерашниот".
Серијатa од (9-2) на стартот на последниот период, го скрши отпорот на кавадарчани, затоа што Гостивар „побегна" на недостижни (78:55).
Сегариќ со 26, и Магдевски со 21 поен го предводеа победничкиот тим, додека во оној поразениот, вреден за спомен е ефектот на капитенот Јане Петровски кој постигна 18. поени.

Пелистер пеејќи од Чаир...
Капитенот Ѓорѓи Анакиевски реализираше 30. поени, би се рекло во вистински час, на гостувањето во Чаир, каде на неговиот Пелистер му донесе злато вредна победа.
Шкупи – Пелистер 81:86 (12-22; 23-23; 27-20; 19-21)

„Пелистерци" имаа многу добра прва четвртина во која и направија двоцифрена предност (22:12), ја одржаа до полувремето, водеа со идентичен плус (45:35), пред се поради неверојатната шутерска изведба на капитенот Анакиевски кој ги погоди сите четири обиди за три поени, но и подршката која ја имаше од Луис.
Третиот период претставуваше враќање на чаирчани, кои пак играа по тактот на новиот двоец Цого-Догбо, плус Ристов.

Овој „трилинг" беше и клучниот фактор за тоа што Шкупи дојде во ситуација да размислува и за триумф. Токму по поените на Ристов, во 32.минута поведоа со (67:65).
Натпреварот отиде во неизвесна завршница. Но „пелистерци" го имаа Анакиевси, чии две реализирани слободни фрлања на крајот беа и пресудни во конечниот исход.
Неговите 30. реализации беа дополнети со 17 на Луис, и по 11 на Фандербург и Илиевски.
Кај Шкупи, каде не се појавија Американците Херис и Тејлор, заиграа новаците Цого и Догбо. Но без краен и посакуван ефект.

 

Најново во Кошарка