ТРКАТА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ И ОФИЦИЈАЛНО Е ОТВОРЕНА

Илиевски се кандидираше, дали ќе има уште некој?

За триесет дена, а можеби и помалку. ќе дознаеме дали Македонската кошаркарска федерација ќе остане без актуелниот претседател, Петар Наумоски.

објавено: 10 јануари 2018 - 18:40

За триесет дена, а можеби и помалку, ќе дознаеме дали Македонската кошаркарска федерација ќе остане без актуелниот претседател, Петар Наумоски.

Секако, тој рок може да биде и пократок, доколку Наумоски и порано не го прифати предлогот нас иницијаторите за свскување на вонредна седница на Собранието на МКФ на кое би се дискутирало за неговата (не) доверба.
Затоа што членот 36 од актуелниот Статут на МКФ, јасно ги детерминира следните чекори од постапката која ја спроведуваат иницијаторите за промена на Наумоски од позицијата.
Истиот го вели следново:

„Вонредна седница на Собранието се свикува по предлог на Управниот одбор, Надзорниот одбор или по писмено барање на една третина од членките на Федерацијата.
Вонредната седница на Собранието, се одржува најдоцна во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за одржување.
Ако Претседателот на Федерацијата, во рок од 14 дена од денот на дадениот предлог, на предлог на предлагачот за свикување седница на Собранието не свика седница, седницата ја свикува самиот предлагач. Седниците на Собранието се јавни".

Јасно е како ден дека „Црниот Петар" има „фора" од 14 дена, или две недели да ја спреми својата одбрана, втора во период од нешто повеќе од една година.

Но прашањето кое се поставува во овој момент, дали ќе треба да се брани само од Владо Илиевски, кој уште еднаш потврди дека е подготвен да „оди до крај". Да погоди уште една „историска тројка" и да победи, или пак во игра ќе се вклучи и уште некое име, многу извесно, кошаркарско, кое ќе си бара свој простор, своја шанса, да дојде до оваа функција, најголема во кошаркарскиот спорт?
Дел од медиумите го „најавија" претходникот на Наумоски, останатиот пак со нетрпение очекува дали и Илиевски ќе добие „конкуренција' во трката која беше отворена денеска, со поднесување на официјален документ – иницијатива за свикување на вонредна седница на Здружението со единствена точка на дневниот ред, гласање на (не) доверба на претседателот на МКФ, Петар Наумоски.
И можеби е прерано да се зборува за некои кандидациски листи, или пак Изборно Собрание на МКФ, ако се земе в предвид дека во овој момент, федерацијата има свој предводник, макар што истиот пред неполн месец, се повлече пред првиот налет, и ја прекина онаа редовна седница на Собранието.
Но вреди да се напомене и процедурата. Дека при евентуално изгласување на недоверба и испраќање на Наумоски во историјата (секако како функционер, или прв човек на мак-баскетот), има некој „редослед на настаните".
Истиот вели дека на предлог на Иницијаторите, или друга работна група формирана на тоа вонредно Собрание, на ново, изборно собрание, кое би било свикано во одреден временски период (не на истата седница), секој кандидат, освен Владо Илиевски, се разбира, же има време и можност да ја официјализира својата кандидатура.
Согласно со актите на федерацијата, истата да биде поткрепена со потпис на десет делегати од Собранието, и клуб зад кој ќе застане предложениот кандидат.
И со гласање, за чиј начин ќе каже комисијата која ќе го спроведе одржувањето на тоа изборно Собрание, со просто мнозинство (од присутните) ќе се дојде до избор на нов претседател на МКФ.
Доколку (теоретски) има повеќе од два кандидати, тогаш се оди на систем на „елиминации". Односно по првиот круг ќе испадне кандидатот со најмал број на кандидати. Потоа следува уште едно гласање, по кое кандидатот кој има просто мнозинство од гласовите на делегатите со право на глас, ја добива и функцијата.
Овој актуелниот, има рок од 14 дена да свика нов, вонреден собир на делегатите на Собранието, а оние кои имаат право на глас, пак, да го дадат своето „мислење" околу (не) довербата кон него.
Б. Радуловиќ

Најново во Кошарка