НА ТРИ КОЛА ДО КРАЈОТ, КУМАНОВЦИ ЧЕКААТ ШАНСА

Има теорија за Куманово да биде трет!

Работнички е сигурен на челната позиција и мирно го чека расплетот. Речиси сигурно е дека нивен ривал во полуфиналето ќе биде Куманово, тим кој го пречекуваат вечерва во „Градски парк". Но, ако незгодните кумановци го изненадат фаворитот, ќе имаат шанса да го избегнат Работнички.

објавено: 28 април 2018 - 16:40

Доколку ги добие сите три меча до крајот, Куманово може да се надева дека ќе заврши како третопласиран. Но, за да успее во тоа, ќе мора прво да триумфира на гостување кај Работнички, тим кој ќе биде мотивиран да им се реваншира на кумановци за единствениот првенствен пораз сезонава.

Дербито кое во четвртокот му припадна на МЗТ Скопје Аеродром против Блокотехна, ги стави аеродромци во одлична позиција да го освојат второто место и да имаат предност на домашен терен во полуфиналето на плејофот. „Металците" славеа со посакуваните над осум поени разлика, и сега се подобри од Блокотехна во меѓусебните дуели.


МЗТ е подобар и од Куманово и од Блокотехна во меѓусебните дуели, но не смее да си дозволи пораз на вечерашното гостување во Гостивар.

МЕЃУСЕБНИ ДУЕЛИ:
МЗТ СКОПЈЕ – КУМАНОВО 3:1
МЗТ СКОПЈЕ – БЛОКОТЕХНА 2:2
КУМАНОВО – БЛОКОТЕХНА 2:1

Актуелниот првак загуби на првото гостување во „Младост", кога домашните направија огромен пресврт во последната четвртина, но сега мотивите кај гостиварци не се толку големи, па МЗТ е фаворит.

За аеродромци добро би било да го задржат чекорот со Блокотехна, и во последните две кола да влезат со ист број бодови со гевгеличани.
Распоредот на Блокотехна е „топло-ладно". Утре го пречекуваат АВ Охрид и не би требало да имаат проблем да го совладаат, но потоа на тимот на тренерот Марјан Илиевски му претстојат две пеколно тешки гостувања кај два учесника во плејофот, што ќе им биде генерална проба пред сефтето на клубот дебитант во разигрување за титулата.
Блокотехна има два бода предност во однос на Куманово, и не би требало да ја испушти, но ако кумановци приредат изненадување во „Градски парк", потоа в среда ќе се игра веројатно клучен меч за третото место.
Желба на Блокотехна е да биде втора, да ја има позицијата која ја држи со најголем дел од сезоната, но веќе ништо не зависи од нив. Ќе чекаат кикс на МЗТ, а притоа тие самите немаат право на погрешен чекор.

РАСПОРЕД:
БЛОКОТЕХНА (50) – АВ Охрид (д), Куманово (г), Работнички (г)
МЗТ СКОПЈЕ (50) – Гостивар (г), Работнички (д), АВ Охрид (д)
КУМАНОВО (48) – Работнички (г), Блокотехна (д), Гостивар (г)

 

Најново во Кошарка