МАРЈАН ЈАНЕСКИ Е ЈУНАКОТ НА РАБОТНИЧКИ ВО ГОЛЕМОТО ДЕРБИ

Јас играм како што најдобро знам и умеам, не ми е гајле што зборуваат другите

Бил „ваков", бил „онаков". Каков и да бил, Марјан Јанески покажа зошто ги помина сите младински селекции на Македонија. Навистина, беше и сениорски, иако не го задржа тој „стандарден тек".

објавено: 15 ноември 2018 - 14:00

Б. Радуловиќ

Бил „ваков", бил „онаков". Каков и да бил, Марјан Јанески покажа зошто ги помина сите младински селекции на Македонија. Навистина, беше и сениорски, иако не го задржа тој „стандарден тек".

Но вели дека тоа не му смета воопшто. Дека до него не допираат „муабетите" од типот „бил дебел", имал „одраз" со кој едвај да го фати обрачот. Дека шутира некошаркарски со левата рака. Дека не е материјал за Работнички, итн...
Марјан Јанески во понеделникот навечер „зборуваше" на „вистинското место". Долу на теренот во СЦ „Јане Сандански".
Покажа и докажа дека Марин Докузовски бил во право кога летоска му рекол да дојде во „Градски парк". Дека е потребен на овој состав на Работнички кој тргна во одбрана на титулата и засега „црвено-белите"' повеќе од успшено и го прават тоа.
За многумина тоа беше изненадувачки потег. Веруваа дека местото на Јанески е во Куманово, евентуално во неговиот роден град - Гостивар...
Но, силното крило има(ше) некои други планови. Патот го однесе токму кај шампионот, екипа на која и се потребни квалитетни домашни играчи, а Јанески, несомнено, без оглед на сите оние кажани „лоши атрибути", е таков.
Го најдовме дома, малку мамурен, како „последица" од славењето по големиот триумф против МЗТ Скопје во Аеродром.

„Требаше малку да се прослави, да си дадеме една мал 'слободен простор' по она што го направивме во дуелот со МЗТ Скопје "- вели на почетокот, помалку и на шега, Јанески.

Како и секогаш тешко се „вадат зборови" од неговата уста.

„Нема тука што многу да се филозофира. Ние ја игравме нашата игра. Настојувавме противникот да прифати еден наш ритам. Да 'влезат' во нашито систем на играње. И мислам дека генерално успеавме во тој некој наш обид. Не брзавме, игравме трпеливо во нападот, што на крајот и ни го донесе успехот. Реализиравме 90. поени на гостински терен, во една прекрасна кошаркарска атмосфера. И тоа е знак дека сме биде добри во офанзивата смета гостиварецот од „Градски парк".

Јанески постигна 30 поени, што е точно една третина од вкупниот број поени што ги постигна досега единствената непоразена екипа (88:90). Имаше несекојдневни 6/6 во ударот за три поени, за два реализира 5/9. Погоди две од четирите слободни фрлања, имаше пет скока, една асистенција и една загубена топка, индексот на корисност му беше највисок на натпреварот – огромни 29.
Но вели дека успехот е на сите оние кои го облекоа црвено-белиот дрес за дербито, влучително и на Ѓорѓи Чековски кој беше во „цивилка".

„Никогаш, па ниту сега, не сум се ставал себеси во преден план. Едноставно таков сум, не сакам да се експонирам во јавноста. Она што знам да го играм, го правам таму каде што треба. Некогаш подобро, некогаш помалку добро. Но тој сум, Марјан Јанески"

Или „Мачки" како што знаат да го викаат колегите.
Никогаш скоро во текот на кариерата не бил во некоја „привилегирана положба". Така е и сега, но знае да се носи со сите негативни коментари упатени на негова адреса.

„Јас играм како што најдобро знам и умеам, не ми е гајле што зборуваат другите. Тоа сум јас, ваков каков што сум. И немам намера да се менувам, му се допаднало тоа некому или не, сеедно. За мене е најважен успехот на екипата, секогаш и сум се подредувал на тоа. Но ете, во Аеродром испадна малку поинаку. Ми одеше шутот, па соиграчите го препознаа тоа и ме 'хранеа' со топки кога имав чисти ситуации, а ги имаше доста. Знам добро да се снаоѓам во рекетот, и тоа резултираше со триумф. Доста важен за нас затоа што ја продолжуваме онаа победничка серија во првенството"- дополнува творецот на победата над вечниот ривал.

Играње во репрезентација, тоа не зависи само од мене...

Со оглед дека дербито всушност беше и ревија на репрезентативните имиња, по оваа игра Марјан Јанески само даде потврда плус дека за него треба да се најде место во оние 12 кои ги очекуваат дуелите во оној ноемвриски циклус на претквалификации.
Односно дуелот со Косово во Гевгелија.

„Онака најискрено, во овој момент воопшто не размислувам за или на таа тема. Реков, играм како што најдобро знам и умеам. За што е тоа доволно во овој момент не проценувам јас, туку вие новинарите, тренерите, селекторот.
Знаете, сум ги поминал сите национални селекции, добро знам што и колку носи играњето за националниот тим. На сите нивоа. Затоа и не посветувам преголемо внимание на тој дел од кариерата. За мене е битно да сум добар во клубот за кој настапувам, да победуваме, да се радуваме. Значи играњето во репрезентацијата. Тоа не зависи само од мене" - останува недоречен Јанески на оваа тема.

Најново во Кошарка