ТРЕНЕРИТЕ ГО ИМАА ПРВИОТ ЗБОР ПРЕД Ф8 ВО КУПОТ

Јасно е, пехарот ќе добие друг „газда"

Со оглед на случувањата во екипата на Карпош Соколи, екипата која треба да го брани трофејот освоен лани на истото место каде ќе се игра и завршницата на Купот, салата „Јасмин" во Кавадарци, јасно е дека ќе го промени сопственикот.

објавено: 12 февруари 2018 - 13:31

По собраниските возбудувања, оваа недела наместо прволигашки, ќе ги има во Купот на Македонија. Од 16 до 18 февруари во Кавадарци ќе се ифра „Фајнал-ејт" турнирот, на кој титулата ќе ја брани екипата на Карпош Соколи.

И веројатно е дека тешко ќе го одбрани, ако се земе в предвид моменталната ситуација во клубот од Карпош.

„Без разлика што лани го освоија купот, а сега играат со млади, мора да играме сконцентрирано и да стигнеме до освојување на Купот. Тоа ни е целта, без разлика со кого ќе играме, сакаме да ги израдуваме навивачите. Би сакал да има публика, да се забавуваат" - вели асистентот во Работнички, Перо Блажевски.

Марјан Илиевски ќе ја предводи Блокотехна во првиот ваков турнир:

„Ние како дебитанти, верувам ќе дадеме свежина. Резултатски се надевам дека ќе имаме можност да се израдуваме на некоја победа. Посакувам добар спортски момент за сите кои ќе бидат во Кавадарци."

За АВ Охрид ова пак ќе биде второто учество во завршницата на Купот на Македонија. А тренерот Перо Чочороски му ја препушта улогата на фаворит на тимот од Гевгелија.

„За нас е второ учество, заслужено сме пласирани тука. Блокотехна игра одлична кошарка, ќе биде добар меч. Тие се фаворитит, но ние ќе пробаме улогата да им ја нарушиме. Имаме проблеми со повреди, но мислам дека ќе има добра кошарка. Лани имаше добра идеја Купот да биде најмасовно натпреварување, и второлигашите да играат, да им се даде шанса на клубовите од внатрешноста"

МЗТ Скопје пак ќе го напаѓа трофејот како еден од најголемите фаворити

„Куп е празник на кошарката. Сите тимови имаат квалитетни поединци. Сум имал многу прилики да победувам и губам, спецификата е што полесно е да се има изненадиување, бидејќи е еден меч, И ние мора да се сконцентрираме. Имаме големи амбиции, сакаме низ Купот и првенството да ја вратиме традицијата. Најважно е да нема повреди"- не крие нивниот тренер Жељко Лукајиќ.

Противник на шампионот е клубот „домаќин", Фени Индустри.

„Со оглед на ситуацијата кај нас, МЗТ е фаворит. Но, ние играме во наша сала, ќе се покажеме како достоен противник, нека победи најдобриот"- кажа Љупчо Малинков.

Куманово немаше „противник" на оваа прес-конференција... А нивниот шеф на струката Александар Петровиќ посака некоја победа за нив, и добри игри на учесниците:

„Сите имаме исти желби. Специфично натпреварување, се надевам на добра игра и резултат на нашата екипа. Спортот да победи, секоја победа за нас ќе биде голем успех"

Најново во Кошарка