РЕПРЕЗЕНТАТИВНИОТ БЕК ОДИ ВО „ГРАДСКИ ПАРК"

КАРАЏОВСКИ ПРЕСЕЧЕ: Си заминувам од Куманово – изборот е Работнички!

Утрешниот натпревар, оној против екипата на Гостивар, ќе биде последниот за Димитар Караџовски како играч на Куманово. Веќе од четврток го чека „црвено-белиот" дрес на лидерската екипа во шампионатот и најтрофејниот клуб во Македонија.

објавено: 27 март 2018 - 13:40

Димитар Караџовски пресече, повеќе нема да игра за екипата на Куманово. А негова следна станица во кариерата ќе биде - Работнички.

Го потврдува тоа репрезентативниот бек на „сино-белите" за кого утрешниот натпревар, оној против екипата на Гостивар, ќе биде и последниот во „униформта" на Куманово.

„Мислам дека така е најдобро за двете страни и мојата и на Куманово. Се договоривме да го одиграм оној последен меч од првата фаза, оној против Гостивар, во кој ќе го дадам својот максимум" - вели Караџовски.

Потврдува еден од најдобрите играчи на кумановскиот состав дека неговиот избор за нов клуб е Работнички.

„Факт е дека имаме устен договор со Работнички кој наскоро треба да биде пренесен на хартија, како документ. Оставив на раководството на двата клуба да ги договорат сите детали од договорот, и се надевам дека веќе од четврток ќе бидам дел од новиот клуб. Добро сум запознат со целата ситуација. Како и да е, сакам утре со Куманово да славиме против Гостивар, да го завршам својот престој во овој клуб – победнички. Потоа одиме кон следните предизвици" - дополнува Караџовски кој на 20 средби во Првата лига засега оствари просек од 14.4 поени, 5.6 асистенции и 3.8 скока за некои 33.2 минути поминати на паркетот.
Б. Радуловиќ

 

Најново во Кошарка