Сакаат со две екипи во највисок ранг

Карпош е на штрек, Соколите ќе летаат со две екипи во Првата лига?

Раководството на Карпош Соколи сериозно размислува да пријави и втора екипа за настап во кошаркарската Прва Лига на Македонија, ако за тоа се укаже шанса со неодамнешното проширување од 10 на 12 екипи

објавено: 9 септември 2017 - 16:34

Раководството на Карпош Соколи сериозно размислува да пријави и втора екипа за настап во кошаркарската Прва Лига на Македонија, ако за тоа се укаже шанса со неодамнешното проширување од 10 на 12 екипи.

Вториот тим на „соколите", кој од клупата е предводен од Мики Наумовски, заврши на петтото место минатата сезона во второлигашката конкуренција. Тоа според логиката значи дека е трет на листата на чекање за пополнување на две места во најсилниот ранг на натпреварување, веднаш зад Академија ФМП и Водњански лисици. Ако една од овие две екипи не ја прифатат понудената промоција во повисок ранг, тогаш екипата од Карпош би направила сериозен напор да ги најде потребните финансиски средства и да влезе со две посебни екипи во Првата лига.

„Би сакале да му се заблагодариме на претседателот Петар Наумоски за начинот на кој ја прошири Првата лига и за шансата што ни ја укажа нашиот втор тим да влезе во кошаркарската елита. Ја чекаме одлуката на екипите кои беа пред нас во Втората лига и ако тие не прифатат, тогаш ние сериозно би размислиле да влеземе во еден ваков проект односно со два тима да играме во прволигашкото друштво. Карпош Соколи располага со голем број талентирани млади играчи, кои во моментов не можат да дојдат до израз во првиот тим. Ќе играме и во Лигата на шампионите, па една ваква комбинација би била идеална за нивна промоција на највисока сцена. Тоа воедно би бил и нашиот одговор на сите обвинувања дека странските играчи ни се приоритет, а дека сме ги запоставувале талентираните Македонци", велат од раководството на Карпош Соколи.

И додека вториот тим е во очекување на историска промоција во прволигашката конкуренција, првиот состав на „соколите" се подготвува за уште еден историски настап и тоа во Лигата на шампионите каде што на 19. септември ќе го пречекаат естонски Калев во првото квалификациско коло од ова натпреварување.

Најново во Кошарка