ТРИ ОД ТРИ ЗА К. СОКОЛИ

Карпошовци единствени непоразени: „Соколите“ по голема битка го надлетаа Куманово!

Трета победа во третиот меч остварија кошаркарите на Карпош Соколи, кои вечерва на домашен терен го совладаа силниот тим на Куманово (90-83), во меч кој делуваше како рововска битка на две максимално подготвени армии и кој на крајот го доби во моментот порасположената армада.

објавено: 24 октомври 2015 - 21:12

Првото полувреме донесе неколку големи резултатски пресврти. Прво „соколите“ почнаа со 12-5, па противникот врати со 10-0, па домашните одново изедначија за да на крајот од периодот кумановци остварија солидни плус шест (24-18), кои им дадоа надеж дека можат да изненадат во Скопје. Но, избраниците на Синиша Матиќ одиграа фантастично во втората четвртина, во која не само што ја анулираа негативата туку и дојдоа до позитива која потоа умешно ја сочуваа до самиот крај,

Продолжението донесе голема борба, двата тима имаа свои моменти, но „соколите“ умешно го одржаа моментумот и не му дозволија на противникот да дојде до посакуваната цел – освојување на бодовите. Кошаркарите од обете страни имаа шутерска вечер, постигнаа двоцифрен број тројки (13-10), поради што на моменти делуваше дека можат да поентираат од далечина буквално кога ќе посакуваат. Имаше моменти кога големите ривали се натпреваруваа во ударите од оваа позиција, но сето тоа беше речиси еднакво и не донесе некаква разлика во односот на силите на паркетот.

Дарко Кнежевиќ со 19 поени и осум скока беше најдобар во таборот на „соколите“, Глен Дендриџ и Антон Казарновски како резервисти постигнаа 16 односно 15 поени додека Марко Болтиќ имаше дабл-дабл ефект со 13 поени и 10 скока. Урош Луковиќ со 26 поени и 17 скока како по обичај беше прв играч на Куманово.

И.К.

 

Најново во Кошарка