К. СОКОЛИ ПРАВИ ТИМ ЗА ТИТУЛА

Карпошовци не запираат: Американски специјалист за тројки слета во јатото на „соколите“! (ВИДЕО)

Американецот Глен Дендриџ (30 год, 198 см.) е најновото засилување за кошаркарскиот прволигаш Карпош Соколи, со што управата на овој клуб дополнително потврди дека сака да формира тим, кој би можел адекватно да му парира на МЗТ Скопје во битката за шампионската титула.

објавено: 12 октомври 2015 - 18:28

Станува збор за искусен кошаркар, кој важи за специјалист за тројки, за што говори и рекордот поставен лани во дресот на Кантербери рамс кога реализира девет удари за три поени во мечот против Манавату џетс со што постигна најдобар учинок во историјата на првенството во Нов Зеланд. Дендриџ постигна 37 поени на овој натпревар, а сезоната ја заврши со просек од 18,8 поени и 5,6 скока, пред да го повреди лакотот на десната рака. Минатата сезона играше за романски Темишвар, а претходно беше дел од екипите на Пепинстер и Спироу од Белгија. Американецот има играно и во Летната лига на НБА и тоа лани во дресот на Орландо меџик.

Американецот е шестиот странец во таборот на „соколите“, кои на стартот од новата домашна сезона го декласираа дебитантот Бест со 51 поен разлика, постигнувајќи дури 113 поени. Негови соиграчи во новата средина ќе му бидат Србите Филип Шепа, Душан Кнежевиќ, Александар Петровиќ и Марко Болтиќ како и Израелецот Антон Казарновски. Тимот од Карпош следниот викенд ќе ѝ гостува на екипата на Струмица.

Најново во Кошарка