ЧАИРЧАНИ СЕПАК ДОЈДОА НА „ДНЕВЕН РЕД"

Ќе падне ли МКФ на тестот наречен „Шкупи"?

Клубот од Чаир лани беше дел од елитата. Но не ги испочитува двата рока дадени од МКФ за плаќање на котизацијата, по што и дефинитивно го загуби правото да биде дел од Првата лига. Дали УО на МКФ ќе направи преседан и по најават дека Шкупи обезбедил средства за уплата на котизацијата ќе го врати назад, меѓу онаа „десетка".

објавено: 26 септември 2018 - 12:00

Бобан Радуловиќ

Наместо ждрепка за натпреварувачката сезона 2018/2019 година, нови дилеми во македонската Прва лига.

Ги (на)прави токму одложениот термин за формирање на натпреварувачките бројки од страна на канцеларијата на федерацијата.
Причината е мошне банална. Барање на КК Шкупи да биде „вратен" назад во конкуренција на најдобрите екипи од Македонија, оние прволигашките.
Како што е познато, клубот од Чаир лани беше дел од елитата. Но не ги испочитува двата рока дадени од МКФ за плаќање на котизацијата, по што и дефинитивно го загуби правото да биде дел од Првата лига.
Во меѓувреме, наводно, се променила, чаирчани пред МКФ тврделе дека сега се подготвени да ја платат предвидената сума.
Но изгледа дека забораваат на моментот дека веќе одамна е утврдено дека во Првата лига ќе учествуваат десет клуба, чиј распоред на натпревари требаше да биде утврден во првиот ден од оваа работна седница.
Факт е и тоа дека новата сезона од шампионатот на Македонија ќе стартува на почетокот од следниот месец, односно првата недела од октомври, а МКФ веќе објави дека лигата ќе брои десет клубови.

Ставот на МКФ останува ист, лигата нема да се проширува
Но сепак, макар во рамките на неофицијалното, не се затвора можноста за враќање на Шкупи во друштвото на најдобрите затоа што согласно правилата, постои можност за овој клуб да биде дел од елитното друштво.
Односно дека, за да има евентуално проширување, клубот кандидат треба да собере согласност од сите останати десет прволигашки екипи, како прв предуслов.
А вториот, исто така важен е дека една ваква одлука треба да помине и на седница на Управниот Одбор на МКФ, односно ова тело да даде согласност за такво нешто, што реално е неизводливо.
Не треба да се заборави на тоа дека раководството на МКФ лани направи преседан кога во „пет до 12" реши да ја прошири лигата на 12 клубови, иако беше јасно како ден дека тоа не може да донесе ништо добро.
Сега, кога и комитетот за итност на МКФ потврди дека во елитната конкуренција ќе има десет наместо предвидените 12.клубови, останува да се види дали во „куќата на кошарката" повторно во „исто време" ќе го променат сопствениот став.
Или пак ќе останат цврсто зад правилата што самите ги утврдија пред неполни два месеци.
Не треба да се заборави и за „сериозноста" на КК Шкупи, чие раководство, или тренер, ова лето на „голема врата" најавија дека ќе бидат и дел од учесниците во Балканската лига.
Но евидентно е, сега и потврдено официјално, дека од таа приказна нема ама баш ништо.
Односно дека тоа било само уште еден „блеф" од страна на клубот од Чаир, или еден вид саморекламирање без ама баш никаква основа.

 

Најново во Кошарка