СООПШТЕНИЕ НА ЦРВЕНО-ЦРНИОТ ВТОРОЛИГАШ

КК Вардар дециден: Странците целосно да се отстранат од македонската кошарка!

Најстариот кошаркарски колектив, екипата на Вардар, преку соопштение за јавноста ги споделува своите размислувања за актуелните теми во овој спорт кај нас, првенствено барајќи од раководството на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) целосно „бркање" на странците односно во најлош случај нивно намалување на само двајца, а истовремено да се зголеми Првата лига на десет екипи со што би им се дало поголема можност на домашните играчи.

објавено: 21 април 2016 - 13:52

Црвено-црните сезонава ја завршија како второпласирани во Втората лига и чекаат „амин“ од УО на МКФ за повторно да се стекнат со прволигашки статус. Тие истовремено се против фактот што клубовите кои се во „државна сопственост“ да носат голем број странски кошаркари наместо средствата да ги насочат кон развојот на домашните таленти. Соопштението, потпишано од почесниот претседател на клубот Владо Воиновски, ви го пренесуваме во целост.

КК Вардар планираше да одржи редовна конференција за печат пред годишното собрание на МКФ, па имајќи во предвид да не го ремети установениот ред од федерацијата, сака да ги изнесе своите видувања за состојбата на македонската кошарка.

1. Формирање на една прва лига со 10 клуба кои ќе играат редовно годишно првенство на основа установените правила на истото. Со разигрување за првак во фајналфор-турнир со претходно жребовање на паровите или играње 1 и 3, 2 и 4.

2. Формирање на две втори лиги, северна и јужна, а со тоа укинување на трета лига бидејќи трошоците на сегашната втора лига се скоро исти како и трошоците на прва лига. Правилата на прва лига да важат и за двете втори лиги.

3. Одржување на младинско државно првенство од категорија М-12, 14, 16 и 18 и 20 и повторно обновување на младинскиот куп. Сите клубови од прва и двете втори лиги мора да имаат во својата структура играчи во младински категории посебно играчите од категорија М-16, 18 и 20. Ако добро се анализираат натпреварите во младинските категории М-16, 18 и 20 ќе се види енормната разлика во резултатите од истите што укажува на недоволна односно неквалитетна работа со тие генерации која може и да биде производ и на недоволна заинтересираност на клубовите или недоволна квалификација на теренскиот состав.

Ова горенаведеното се однесува за системот на натпреварување кој би требало да се разгледува од органите на федерацијата а посебно на основа договор со останатите кошаркарски клубови.

КК Вардар е загрижен за развојот на македонската кошарка ако се има предвид на играњето многубројни странци на клубовите од прва лига почнувајќи од:

1. МЗТ Скопје Аеродром (има 8 странци во екипата)

2. Карпош Соколи (има 6 странци во екипата)

3.Кожув (5 странци)

4. Фени (4 странци)

Затоа предлагам за одредено време во прва лига да се исклучат странците, односно со договор да се ограничи бројот на најмногу 2 странци во натпреварите на државно првенство, а клубовите кои играат во други балкански БИБЛ или АБА-лига да играат и со повеќе странци.

Горенаведеното се базира само на една анализа на финалето на Македонскиот Кошаркарски клуб помеѓу МЗТ Скопје и Карпош Соколи

МЗТ = вкупно 200 минути

Странци вкупно = 162 минути

Домашни вкупно = 38 минути

61 кош странци

7 коша домашни

СОКОЛИ

Странци вкупно = 165 минути

Домашни вкупно = 35 минути

53 коша странци

9 коша домашни

Да резимираме. Од вкупно 400 минути ефективно играње странски играчи играле 327 минути, а домашни 73 минути. Односно странците дале 114 коша а домашните само 16. Заклучокот од горенаведеното нека се изведе од одговорните во клубовите и самата федерација.

Посебно треба да формираните тела на стручниот совет, тренерската организација и судиската организација, аналитички и аргументирано завземе став по горенаведените искажувања на Вардар.

Врзано со трансформација на клубовите во акционерски друштва, интересно е дека клубовите од прва лига во државна сопственост се 4 клуба (МЗТ Скопје, Работнички АД, Кожув АД, Струмица АД), во приватна сопственост се 3 клуба (Фени Индустри АД, Бест АД, Куманово 2009 АД) и 1 клуб во мешовита сопственост (Карпош Соколи 2000).

За КК Вардар е неприфатливо и клубовите во државна сопственост кои се формирани од државни, односно народни пари да ангажираат голем број на странски играчи, а при тоа како пример го посочуваме да одговорни лица во кошарката нека успеат да набројат од моментален состав од репрезентацијата од минимум 15 до 20 играчи дали може да се избројат барем 5 играчи кои со својот статус и искуство можат да ја носат репрезентацијата во наредните години. Кратко речено по успехот од четврто место не се изнајде аргументирана државна стратегија за развој на македонската кошарка. Не би било штетно да искуството од квалификациите во Полска за олимписките игри на ракометната репрезентација да се анализира бидејќи силни клубови со одреден број на странски играчи не обезбедуваат формирање на јака државна репрезентација. Посебно внимание треба да се обрне на организацијата на државното првенство во условите кои се играат во салите и регуларноста на истите.

КК Вардар ја поздравува одлуката на Работнички да во наредните државни првенства игра само со домашни играчи.

Треба да се разгледа и можноста за намалување на судските такси на зголемениот број на натпревари кои претставуваат поголем трошок на клубовите. КК Вардар предлага да се формира од редовните тела на федерацијата еден стручен совет од познати тренери поранешни играчи како советодавно тело на претсетдателот на федерацијата.

Треба исто така да се разгледа можноста на воспоставување на тесни спортски односи со федерациите од поранешна Југославија посебно со размена на тренери односно заеднички припреми односно оодбрување на пријателски натпревари.

КК Вардар сака да ја информира јавноста дека идната година планира во склоп на прославата на 70 години постоење на клубот одредена програма која ќе биде доставена до средината на оваа година за да истата биде вклопена во евентуалните планови на Македонската федерација. КК Вардар како најстар кошаркарски клуб е формиран на 20 јули 1947 со фузијата помеѓу МКК Македонија и ЖКК Победа, формирано е Спортско Друштво Вардар, односно истиот ден и КК Вардар.

Кој е денес КК Вардар?

По повеќе од 50 години талкање, тренирање и играње во школски сали и државни објекти во 2007 година со земање на 30-годишен закуп на малата спортска сала Кале дојде до свој дом. Малата сала скромна по својот капацитет е преуредена по ФИБА стандарди и во неа се игра кошарка од 8 до 22 часот. КК Вардар играше и во прва и втора и трета лига и по „заслуга“ на екс-претседателот на МКФ. Исклучувањето на ККВардар од лигата и играњето во трета лига една сезона беше класичен злостор према кошаркарите. КК Вардар во својата структура има кошаркарски клуб, младински кошаркарски клуб и кошаркарска академија со преку 100 регистрирани свои играчи. КК Вардар е петкратен младински државен првак и младински освојувач на купот. КК Вардар се гордее што е расадник на млади македонски кошаркари. Од сето горенаведено сметаме дека имаме право да во јавноста го кажеме и нашето мислење што е наведено во соопштението погоре.

Сето горенаведено е само гласно размислување и предлози од страна на КК Вардар во интерес на квалитетен и успешен напредок на македонската кошарка“, се цели во соопштението на „вардарци“.

Најново во Кошарка