ШТО СЕ СЛУЧУВА СО ПОРАНЕШНИОТ МАКЕДОНСКИ ШАМПИОН

КЛУБОТ ЗАМИНУВА ВО ИСТОРИЈАТА: Од Струмица, на улица!

Црните најави се реаизираа. По долги, долги години, нема сениорска кошарка во Струмица.

објавено: 31 октомври 2018 - 13:00

Б. Радуловиќ

Екипата која беше проектирана да игра во Втората лига ја нема. Нема ниту финансии потребни за нормално функционирање на она што некогаш беше гордост на кошаркарска Струмица.

Го дочекавме и тој момент во македонската кошарка. Градот кој важи за еден синоним за кошаркарскиот спорт во Македонија, да нема ниту една екипа во сениорска конкуренција.
Екипата на Струмица која беше пријавена за настап во Втората лига, и дефинитивно го откажа учеството во овој ранг на натпреварување.
Натрупаните долгувања, немање на основни средства за функционирање, тоа се главните причини поради кои во Струмица повеќе нема сениорска кошарка.
Бадијала беше и „толеранцијата" која Македонската кошаркарска федерација ја имаше кон еден од најстарите клубови кај нас. Клуб кој важи и за некогашен шампион, под името Струмица 2005.
Оние искрени љубители на кошаркарскиот спорт во градот, велат дека ова што се случува со клубот е една голема срамота и е еднакво на катастрофа.
Дека никој не сака да превземе одговорност за настанатата ситуација во која се најде КК Струмица.

Делува неверојатно, градот каде спортот беше во една развиена форма, со неколку прволигаши, во фудбалот пред се, да не се загрижи за ова „тивко умирање" на главниот кошаркарски субјект.
Веројатно и на претставниците на локалната самоуправа им е преку глава со проблемите со кои се занимаваа(т) во изминатиот период, исполнет со многу турбуленции а своја кулминација доживеа со испаѓањето од прволигашката конкуренција.
И дека токму тој момент „ја прелеа чашата" и кај довчерашните „финансиери" на овој проект без иднина.
А не е дека нема иднина, во клубот останаа неколкумина млади и талентирани играчи, кои имаа што да (по) кажат во оваа второлигашка конкуренција.
Ама некој друг, сака да бида малку поинаку. Да нема кошарка, пред се сениорска.
Не дека е сјајно и во оние младински конкуренции, ама..

Книгата спадна на четири „букви" (клубови) во „младинска"

Прегледот на пријавните листи во младинските лиги вели дека во овој момент од Струмица „потекнуваат" или постојат четири кошаркарски субјекти кои се водат како активни во кошаркарската федерација.
МВП има две пријавени екипи во М-14 односно во М-16 конкуренцијата, КК Ролинг се натпреварува во М-16 лигата на Македонија. АБА Струмица има пријавено екипа во М-15, исто така и Милениум кој се врати на сцената, исто така со еден состав во пионерска конкуренција.
Тоа индиректно значи дека во овој момент во кошаркарска Струмица има некој потенцијал, но нема кошаркари над онаа возрасна граница од 16. години, или по старата номенклатура – кадетска конкуренција.
Навистина, еден доста сериозен проблем во кој живее и работи кошарката во градот Струмица.
Некогаш синоним за нешто кошаркарско, а сега?



Најново во Кошарка