НА ПОВИДОК ВИСТИНСКИ КОШАРКАРСКИ „КАЛАБАЛАК“

Кој и како ќе игра во Купот?

Ако трите суспендирани клубови не одиграат уште еден натпревар, тогаш согласно со пропозициите за натпреварување, ќе бидат префрлени во понизок ранг на натпреварување. А со оглед на тоа дека во февруари е предвидено одигрување на финалниот турнир од Купот на Македонија, во форма на „фајнал-ејт", јасно е дека ќе треба „реновирање" на предвидената програма.

објавено: 30 јануари 2017 - 15:00

Екипите на Куманово, Кожув, Струмица и Карпош Соколи се оние за кои МКФ објавија дека важат за должници. И дека поради тоа се суспендирани, секако се до подмирување на обврските кон федерацијата.
Со оглед на тоа дека Карпош Соколи не е „активен чинител" во оваа прва фаза од Првата лига, суспензијата се однесува за оние други три клуба.
Одлуката на комесарот за натпреварување, да не им се дозволи право на настап во 10 првенствено коло, остана на сила. Па овој викенд се одиграа само два натпревари од предвидените четири. Но не и дуелите Струмица-Кожув односно Куманово-АВ Охрид.
Ако се оди според „законот" јасно е дека тие два меча ќе бидат регистрирани со службен резултат, а супендираните екипи нема да го добијат оној бод предвиден за пораз.


Но, оваа ситуација во исто време пак креира и други проблеми.
На пример кој ќе игра во натпреварите од првото елиминациско коло од Купот на Македонија, но и неговиот завршен дел, финалниот турнир кој е предвидено да се игра во периодот од 17 до 19. февруари (најверојатно во Кавадарци).
За среда беше најавено дека ќе се играат оние два пред-натпревари во Купот, односно дуелите во кои Гостивар 2015 е домаќин на Струмица, а Вардар на Пелистер. Но суспензијата на струмичани значи дека натпревар во гостиварската сала „Младост" нема да има, и дека гостиварци ќе треба да го чекаат победникот на другиот дуел, оној прволигашкиот во „Кале", кој патем речено сеуште не е официјално закажан.
Последица на тоа, односно втор службен пораз по ред, ќе биде „преселбата" на Струмица во понизок ранг на натпреварување, па уште пред одигрувањето на 11. коло Првата лига ќе брои еден член помалку.
А доколку ситуацијата остане непроменета и до истекот на оваа недела, јасно е дека истата судбина ги очекува и другите две суспендирани екипи, Куманово и Кожув.
Од друга страна пак, доколку и Куманово и Кожув останат на ставовите да не го платат долгот, тогаш е прашање кој ќе го игра завршниот турнир од Купот на Македонија?
Ако бидат „избришани", тогаш сосема непотребно изгледа одигрувањето на оној пред-натпревар во кој треба да разигруваат Вардар и Пелистер, кои би ги пополниле местата токму на суспендираните клубови, секако тука в предвид доаѓа и Гостивар 2015 кој би го добил мечот со Струмица со службен резултат.
Без Кожув, Куманово, и Струмица, онаа бројка на учесници на фајнал-форот" би се свела на петте „активни" прволигаши Работнички, Фени Индустри, АВ Охрид, Пелистер и Вардар, плус и двете кoи се „надвор од конкуренција" во првата фаза од првенството, МЗТ Скопје и Карпош Соколи.
И ако се остане така, тогаш Гостивар 2015 „без борба" би го добил тоа последно осмо место за да се организира турнирот според предвидениот формат „Финални 8".
Така стојат работите во нашата клупска кошарка, барем засега...

Најново во Кошарка