УШТЕ ЕДЕН АМЕРИКАНЕЦ КАЈ „КАРПОШОВЦИ“

Колинс ќе ги разигрува „соколите“ (ВИДЕО)

Доскорешниот кошаркар на словенечкиот прволигаш Шентјур, Ентони Колинс (25 год, 185 см) во следната сезона ќе го носи дресот на Карпош Соколи, откако потпиша едногодишен договор со македонскиот вицепрвак.

објавено: 11 август 2017 - 11:00

Станува збор за плејмејкер, за кого „соколите" ќе бидат втора европска станица по завршување на универзитетската кариера, која ја заврши настапувајќи за Тексас АМ колеџот каде што имаше просек од 4,5 поени и 4,2 асистенции.

Во професионалното деби, пак, во Словенија просечно реализираше 9,6 поени и 4,8 асистенции. Негови главни карактеристики се брзината и прегледноста на играта. Тројки не шутира често, но кога ќе го стори погодува со речиси 50-отстотна прецизност.
Колинс е вториот американски кошаркар во моментов кој има договорна обврска со карпошовци, по сонародникот Џејлон Браун. Нови членови на Карпош Соколи се и македонските репрезентативци Кирил Николовски и Стојан Ѓуроски, додека од минатата сезона остануваат Драган Лабовиќ, Дарко Соколов како и младите Дамјан Јакимовски, Иван Сапунџиев и Филип Бакоч, а нов тренер на екипата е Борче Даскаловски.

Најново во Кошарка