Бараат повеќе права и имаат нов лидер

Кошаркарите со здружени сили го избраа Трифуновски за претседател

Здружението на кошаркарски играчи, на редовното годишно собрание во саботата го избра Миливоје Трифуновски за претседател на оваа организација. Негов заменик ќе биде Бојан Серафимов

објавено: 25 февруари 2018 - 13:00

Здружението на кошаркарски играчи, на редовното годишно собрание во саботата го избра Миливоје Трифуновски за претседател на оваа организација. Негов заменик ќе биде Бојан Серафимов.
На седницата, поради истек на мандатот, беа сменети поранешните членови на Управниот и Надзорниот одбор на Здружението, а на нивно место се избрани нови.
Управниот одбор ќе го сочинуваат Јане Петровски, Дарко Соколов, Марко Симоновски, Бојан Крстевски, Бојан Трајковски, Стојан Ѓуроски, Симона Деловска, Едина Муса, Дамјан Робев, Андреј Маслинко, Миливоје Трифуновски, Бојан Серафимов и Андреј Атанасов. 
Здружението преку својот претседател, во случајов 32-годишниот Трифуновски, има право на глас и на Собранието на Македонската кошаркарска федерација.
Во Надзорниот одбор влегоа Кирил Николовски, Предраг Пајиќ, Игор Пенов, Кирил Павловски, Димитар Караџовски, Александра Стојановска и Александар Костоски.
На седницата се отвори дебата во која насока ќе се движи Здружението, и какви цели и ставови ќе има. Како најважни заклучоци, за кои сите членови едногласно се согласија се:

- Здружението преку почести средби и собранија, ќе настојува да се слушне гласот и визијата на секој играч и заедно да се застапуваме за подигнување на квалитетот и условите за кошаркарите и кошаркарките во сите македонски лиги.
- Подобрување на условите за тренинг и натпревар (на пример, промена на правилото за минимална температура во салите од 12 степени)
- Здравствено и пензиско осигурување
- Дефинирање на минималната плата за репрезентативци, прволигаши, второлигаши, и Прва лига жени
- Формирање на правна служба која ќе изготви колективен договор помеѓу играчите, клубовите и МКФ
- Начини на финансирање на здружението
- Зголемени премии при настап на репрезентативците во сите категории" - стои во соопштението на Здружението.

Сите барања ќе бидат презентирани на состанок со раководството на федерацијата, а во Здружението се задоволни што добиле 20-тина нови членови кои им се придружуваат во борбата за подобра кошаркарска Македонија.
„Здружени сме најсилни и ќе постигнеме многу!" - заклучуваат од Здружението на кошаркарски играчи.

Најново во Кошарка