Т-БАСКЕТ ПОВТОРНО СЕ ОТКАЖА ОД ПРВАТА ЛИГА

Кошаркарската елита ќе се игра (само) со осум екипи, а првенството почнува на - 1 октомври!

Кошаркарската Прва лига следната сезона ќе брои осум екипи, без откажаните Гоце Делчев и Т-Баскет и без дополнително пополнување на нивните места, а новото првенство ќе почне на 1 октомври и тоа според четворокружен систем по што ќе следува плејофот за титула.

објавено: 23 јули 2015 - 14:43

Овие одлуки, неофицијално, биле донесени на дводневниот состанок на прволигашите заедно со челниците на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) одржан вчера и денеска во хотелот „Бистра“ во Маврово. Штипскиот тим пред извесно време испрати информација дека поради финансиски проблеми нема да може да игра во елитата, а деновиве истото го направила управата на второлигашкиот шампион од минатата сезона од Тетово, поради немањето сала со прволигашка лиценца во градот и околината.

Проценката на клубовите и на луѓето задолжени за напредокот на макбаскетот бил дека во моментов нема доволно квалитетни екипи од Втората лига кои би можеле да се носат со прволигашите и дека е најдобро една година порано да се примени веќе усвоениот систем на скусувањето на лигата од десет на осум тима. Во следниот шампионат ќе се игра четирикружно (ќе нема Суперлига), по што ќе следува плејоф-доигрувањето, а на крајот ќе испадне само последнопласираниот тим. На состанокот е договорено во актите за во иднина да се внесе дека во случај на откажување на некоја екипа со прволигашки статус право на пополнување да имаат само второ и третопласираниот од понискиот ранг, а ако тие не се заинтересирани испаднатиот да си го задржи местото во елитата.

На состанокот е начната и темата за намалување на бројот на странци односно враќање на бројката од четворица интернационалци наместо сегашните шест, но оваа инцијатива засега не наишла на позитивен прием кај клубовите, што не значи дека раководството на МКФ ќе се откаже од неа за во следниот период

Во Маврово присутни биле претставници на МЗТ Скопје, Куманово, Кожув, Фени индустри, Карпош Соколи и на Бест од Гевгелија, а отсуствуваа луѓе од управите на Работнички и на Струмица. Титулата во новиот шампион ќе ја бранат „металците“, кои се победници во последните четири години.

И.К.

Најново во Кошарка