НАЈЈУЖНИОТ ГРАД ЈА ДОБИ ОРГАНИЗАЦИЈАТА ЗА 500.000 ДЕНАРИ

Кошаркарските гиганти во Гевгелија ќе ја бијат битката за Куп-пехарот!

Најјужниот град во Македонија, Гевгелија ќе биде домаќин на завршницата од Купот што ќе се одржи во периодот од 19 до 21 февруари.

објавено: 8 јануари 2016 - 13:10

На денешната лицитација во Македонската кошаркарска федерација, Кожув беше единствен заинтересиран и ја доби организацијата за минималната сума од 500 илјади денари. Тоа е значително помалку од оние 720 илјади денари со кои лани МЗТ Скопје го победи Куманово.

Гевгелија првпат ќе ја организира оваа манифестација која од годинава го враќа некогашниот формат со осум учесниц, но во три дена. Разликата е само во тоа што екипите што ќе стигнат до крајот нема да имаат слободен ден, завршниот турнир, фајналејт почнува в петок со четвртфиналните дуели, утредента се играат полуфиналињата, а в недела е големото финале.

Учество на турнирот имаат обезбедено само осумте прволигаши, за разлика од порано кога се играа квалификации во кои учествуваа и екипи од пониските лиги. Нема да има ниту класична ждрепка, туку двојките и костурот за завршниот турнир ќе го одреди пласманот во првата половина од лигашкиот дел, нешто слично на примерот од шпанската лига. Во меѓувреме, в сабота и недела на програмата е и завршницата од Купот на Македонија во женска конкуренција каде учествуваат првопласираните четири екипи.

Бранител на титулата во Купот на Македонија е Работнички кој лани го освои деветтиот триумф во ова натпреварување, совладувајќи го Кожув на чиј терен ќе се игра оваа година. Гевгелискиот тим пред своите навивачи ќе има можност да се бори за својата прва титула воопшто. МЗТ Скопје има седум трофеи во Купот, Николферт и Фени Индустри по два, а Вардар Осигурување, Деликатес и Амак СП по еден. Во женска конкуренција, титулата ја брани Бадел 1862 кој триумфираше претходните две години.

Најново во Кошарка