НЕКОМПЛЕТНИОТ РАБОТНИЧКИ БЕЗ ОДГОВОР НА ГОСТИ ВО ГЕВГЕЛИЈА

Кожув се качува се погоре и погоре...

Само неколку дена по службениот пораз со Струмица, гевгеличани најдоа и мотиви и сили за да се исправат пред најтрофејниот македонски колектив во кошарката Работнички. И тоа на каков начин, со убедлив триумф од (77:56)

објавено: 4 февруари 2017 - 20:44

Кошаркарите на Кожув продолжуваат со добрите и успешни игри. По балканските триумфи, на ред дојде и еден во домашниот шампионат. Само неколку дена по службениот пораз со Струмица, гевгеличани најдоа и мотиви и сили за да се исправат пред најтрофејниот македонски колектив во кошарката Работнички.

И не само тоа, туку и убедливо да го победат, макар што како оправдување за скопските „црвено-бели" може да се извади неиграњето на двајца стандардни членови на првата, и најдобра петорка.
Но, како и да е, во Гевгелија....
Кожув – Работнички 77:56 (19-13; 21-16; 19-18; 18-9)
Марин Докузовски најави, и трофејниот тренер го реализираше тоа. Во Гевгелија не отпатуваа, не играа искусните Димитар Мираковски и Диме Тасовски. И очекувано, тоа беше „видливо" во играта на Работнички од самиот почеток на дуелот кој беше означен како дерби на 11. првенствено коло.
Во Гевгелија немаа никакви „пресметки". Тренерот Игор Михајловски на теренот ги испрати сите расположиви сили, кои пак од минута во минута правеа предност.
На првото „време на поминување", Кожув беше во плус од шест поени (19:13).
Но тука гевгеличани не застанаа. До големиот одмор дополнија уште пет поени во позитивата која по 20.минути игра веќе беше сосема солидна, и што е исто така важно, двоцифрена (40:29).
Дури 14. од тие 40. поени за гевгелиските „црвено-бели" беа дело на Американецот Мек Нил неговиот сонародник Хол имаше девет, исто колку и третиот адут на домашната екипа – Мијовиќ.


Иако видно ослабен и доста подмладен (во записникот влегоа некои младинци како Цаниќ, Јордановски, Атанасов, Димитриевски), Работнички тргна подобро во третата четвртина.
Играчите во рекетот Чековски и Мишановиќ поставија доминација, што беше макар и на кратко, видливо на резултатот. На средината од тој трет дел, по поените на младиот Маслинко, тимот од „Градски парк" дојде на само пет поени негатива, (41:46).
Но во вистински момент за три погоди Мијовиќ, потоа и Хол за нов двоцифрен гевгелиски плус 10 (51:41). Хол е застана, неговите четири нови поени, го однесоа Кожув и на највисоки (56:43), за таа фаза од дербито да финишира со слични (59:47) за домашната екипа.
А се чини дека серијата од девет неодговорени поени од страна на Работнички в првите три минути од четвртата четвртина, беше решавачка за конечниот резултат. Кожув, во чија прва петорка се појави новакот Ивица Димчевски, отиде на предност од 21. поен, (68:47).
Колку Работнички делуваше неконкурентно, говори и податокот дека првите два поени (и тоа од линијата за слободни фрлања) ги реализираа дури по пет минути од последниот дел. Но само за да намалат на (49:72).
Во наредните три, гостите од Скопје дадоа само уште еден, за тотален „распад на системот".
Во меѓувреме, американскиот тандем, Мек Нил-Хол стигна до својата стандардна поентерска величина, 22 односно 21. поен, додека пак Мијовиќ „закочи" на 14.
Во „недостиг" на Мираковски и Тасовски, со 14. поени прв стрелец кај гостите беше Чековски. Имаше два повеќе од Мишановиќ и четири пред Ефремоски. Својот „минутажен простор" со 11. поени и 5. скока добро го „покри" младиот Маслинко.

Најново во Кошарка