НОВОТО ЗАСИЛУВАЊЕ НА МЗТ СКОПЈЕ ОТКРИВА

Крафорд: Цел живот се соочувам со сомнежи дали може да играм кошарка оти сум низок

Новиот плејмејкер на МЗТ Скопје, Џордон Крафорд е еден од ретките играчи оваа сезона кој уште на стартот блеснал во дресот на бранителот на титулата. 

објавено: 21 февруари 2018 - 22:17

Новиот плејмејкер на МЗТ Скопје, Џордон Крафорд е еден од ретките играчи оваа сезона кој уште на стартот блеснал во дресот на бранителот на титулата. Тој беше еден од најзаслужните играчи за деветтиот Куп-пехар на тимот од Аеродром. 

Во интервју за официјалната интернет страница на МЗТ Скопје, открива дека во текот на неговата кариера се соочува со сомнежи околу неговиот квалитет поради фактот што е висок само 168-сантиметри.

„Навикнат сум на такви размислувања, цел живот се соочувам со сомнежи околу тоа дали може да играм кошарка поради тоа што сум низок. На почетокот од кариерата ме погодуваа ваквите зборови и ги сфаќав како навреда, но потоа само почнаа да ме мотивираат да тренирам повеќе и понапорно. Уште кога со три години влегов во сала со татко ми, кој беше тренер, знаев дека сакам да бидам кошаркар. И оттогаш секој ден работам да останам во оваа работа", вели Крафорд.

Американецот пресреќен е од освоениот Куп, никогаш нема да го заборави славјето на навивачите по крајот на финалниот дуел против Работнички.

„Тоа беше лудница. Никогаш немам доживеано такво нешто. Навивачите беа фантастични, нивната поддршка многу ни значеше. Бев одушевен од начинот на кој го прославија пехарот, од пиротехниката која гореше, тоа никогаш нема да го заборавам. Сум играл на средби со многу повеќе публика, но не сум доживеал ваква атмосфера, ваков начин на навивање и бодрење на својот клуб. Секоја чест. Случувањата во Кавадарци само дополнително го зголемија моето задоволство од престојот во МЗТ, каде што сите одлично ме примија. Скопје е прекрасен град, секое слободно време го користам за прошетка иако има уште многу работи кои сакам да ги видам и посетам. А, храната ви е фантастична. Мора дополнително да тренирам за да потрошам сѐ што сум изел, бидејќи не можам да запрам со јадење без разлика во кој и каков ресторан се наоѓам", објаснува плејмејкерот.

Во продолжение потенцира дека очекува МЗТ Скопје да продолжи со одличните игри и да ја одбрани титулата во домашниот шампионат. 

Најново во Кошарка