МКФ суспендира и молчи

Кумановци со порака до МКФ: За кого се игра кошарката во Македонија?

По одлуката на македонската кошаркарска федерација за суспензија на Куманово, Кожув, Карпош Соколи и Струмица, регуларното доигрување на сезоната е ставено под голем знак прашлник.  

објавено: 28 јануари 2017 - 11:30

Македонската кошаркарска федерација тајно им изрече казни, поточно суспендираше четири прволигашки екипи. Куманово, Кожув, Струмица и Карпош Соколи заработија суспензии поради неисплатени долгови на име казни за лиценци за странски кошаркари.

Засега најдебелиот крај го извлекоа Куманово, Струмица и Кожув, кои за разлика од „соколите“ се натпреваруваат во Првата лига, поточно денеска и утре треба да го играат редовното 10. коло. Куманово вечерва е домаќин на АВ Охрид, но со оглед на тоа дека челниците на клубот потенцираа дека немаат намера да го исплатат долгот, во тој случај мечот нема да се одигра. За утре пак е закажана средбата меѓу Струмица и Кожув, двете екипи до сега ги немаат подмирено долговите.

На овој начин се загрозува регуларноста на првенството, бидејќи според пропозициите по два службени порази екипите ќе бидат исфрлени од Првата лига, што е над една третина од учесниците во лигата. Она што е нејасно зошто федерацијата им дозволи на клубовите што не платиле за лиценци, досега да ги користат странците?

По донесената одлука сите овие клубови беа против претседателот Петар Наумоски на Вонредното собрание во декември, и затоа постојат сомнежи дека одлуката е донесена и како еден вид реванш на Пеце кон нив. Суспендиран е и Карпош Соколи кој има долгувања по други основи, но не може да биде исфрлен од првата лига, бидејќи не учествува во неа, туку во средината на март ќе се приклучи во суперлигата, одлука која дополнително создаде револт меѓу суспендираните.

Токму поради ова од Куманово прашуваат: За кого се игра кошарката во Македонија? 

(ФОТО: Кумановски муабети)

 

 

Најново во Кошарка