КУМАНОВЦИ ЗАДОВОЛНИ ШТО СЕЗОНАВА ИГРАА ДВЕ ПОЛУФИНАЛИЊА

Куманово ги победи сите барем по еднаш, заслужено беше полуфиналист

Тренерот Александар Петровиќ смета дека Работнички бил подобар во скокот, поискусен и постабилен, а задоволен е од постигнатото сезонава

објавено: 14 мај 2018 - 22:20

Во редовите на Куманово немаше големо разочарување после елиминацијата, свесни се и реални дека беа поразени од поквалитетен тим. Тренерот Александар Петровиќ успеа да го однесе тимот меѓу четирите најдобри во Купот и плејофот, и тоа беше максимумот од овој состав. 

„Работнички покажа дека е поквалитетен тим од нас. Во ова полуфинале, пресуди квалитетот и искуството на противникот. Играат најсигурна кошарка од сите тимови во плејофот. Освен на првиот натпревар, на вториот и третиот го дадовме својот би рекол максимум. Имавме борбеност, со агресивност во одбраната сакавме да дојдеме до полесни кошеви, но тие беа подобри од нас, пред се скокачки. Имаат поголема ротација, денеска им дадов шанса и на помладите да играат повеќе. На Работнички му посакувам среќа во финалето и таму нека победи подобриот“ - вели Петровиќ.

Во мини-анализата на сезонава, Петровиќ мисли дека може да се каже дека била успешна, и ќе остане запаметено дека сезонава први го победија дотогаш непобедливиот Работнички. 

„Со оглед на сите случувања во клубот сезонава, може да бидеме задоволни од постигнатото. Игравме полуфинале на Купот, полуфинале во плејофот, четврти бевме во регуларниот дел, се надминавме себеси. Немавме цел по секоја цена да играме финале или полуфинале, но ги надминавме проблемите успеавме да влеземе меѓу четирите најдобри. Друго што беше карактеристично за овој тим, е што сите ги победивме барем по еднаш. Тоа е голема работа, на Работнички први му нанесовме пораз. Рано е да зборуваме за следната сезона, верувам дека ќе дојдат подобри денови за Куманово“ - анализираше Петровиќ, кој среде сезона го презеде тимот, кој есеноска се откажа од настапите во БИБЛ и се фокусираше на домашната сцена. 

Најново во Кошарка