ЗАГРЕВАЊЕ ЗА КУПОТ ВО „ГРАДСКИ ПАРК“

Куманово се обиде, Работнички не дозволи изненадување.

Работнички на домашен терен го совлада Куманово со 88-79 и го продолжи победничкиот поход во Првата лига. Гостите шанса за одмазда ќе имаат во петок во Гевгелија. Кожув беше подобар од Пелистер со 73-68 во последниот дуел од денешната програма. 

објавено: 9 февруари 2019 - 19:51

Работнички на домашен терен го совлада Куманово со 88-79 (31-18, 16-20, 20-20, 21-21) во рамките на 15. коло во Првата лига. Дуелот во „Градски парк“ беше најава за она што ги очекува љубителите на кошарката во четвртфиналето во Купот на Македонија, веќе во петок двата тима одново ќе излезат на мегдан. 

Македонскиот првак отвори со серија од 10-2, најавувајќи лесен триумф пред главната битка против истиот тим во четвртфиналето во Купот. Избраниците на Марин Докузовски во својата доминација уживаа до пред крајот на третата четвртина. При 67-56, гостите направија серија д 13-0 и за првпат поведоа на мечот, во 33. минута беше 67-69.

Караџовски и Крстевски го сопера налетот на Куманово, го вратија водството на нецели четири минути до крајот беше 81-71, позитива доволна за продолжување на победничкиот поход во Првата лига. 

Костов и Мираковски со по 19 поени го предводеа својот тим, Караџовски имаше 15 поени, за одбележување се 11 асистенции на Стајиќ, на другата страна Думиќ имаше 22 поени и 11 асистенции. 

КОЖУВ СЕ СПАСУВАШЕ

Кожув брзо се врати по поразот во минатото коло, на домашен терен потешко од очекувањата го совлада Пелистер со 73-68 (27-16, 18-16, 17-15, 11-21). Гевгеличани тргнаа сигурно во брзо дојдоа до двоцифрена предност (27-16), но падна во последниот период.

Битолчани се издигнаа кога најмалку се очекуваше, намалија на 67-64 за неизвесна завршница која на крајот и припадна на Кожув.
Ивелја со дабл-дабл учинок од 14 поени и 10 скока имаше забележителен настап, Караколев со 19 поени и седум скока беше први стрелец. Кај гостите Голубовиќ и Беалер заедно реализираа 41 поен.
Последниот меч од 15 коло се игра утре, Гостивар е домаќин на МЗТ Скопје.

Најново во Кошарка