НАПРЕДУВАМЕ, АМА САМО ВО ДЕЛОТ НА ГЛУПОСТИТЕ

Лани беа турски серии, сега шпански сапуници

Ако денот по утрото се познава, во тој случај нè чека уште една интересна завршница, но овој пат таа започна многу рано, пред стартот на второто коло во Суперлигата...

објавено: 4 април 2018 - 14:56

Марија Ковачева

Кошарката продолжува по старо...Ако мислевме дека со „проблематичната" сала „Градски парк" и јавните коментари на новиот спортски директор на МКФ, Владимир Темелковски ќе заврши циркусот пред почетокот на Супер-лигата, се излажавме.

Денешниот серијал на соопштенија е само најава дека минатата сезона и добро сме поминале.
Турските судии кои беа специјално донесени за финалната пресметка меѓу МЗТ Скопје и Карпош Соколи, не биле ништо во однос она што најверојатно нè очекува, доколку пред и по секое коло во Супер-лигата клубовите си поставуваат сопки.

Од една страна е МКФ и нејзините казни, во кои не сакаме да навлагаме, бидејќи веруваме дека работат според пропозициите и се мајка за сите екипи, иако веќе редовно ги „кастрат" и постојано се во „војна"...

Од другата страна се клубовите.

Титула е титула. Мотиви секогаш треба да постојат, но сите тие да бидат во спортски рамки. Кај нас битката за тронот секогаш ги преминува сите граници. Ова денеска го видовме во пишана форма.
МЗТ Скопје и Блокотехна имаат нерасчистени сметки. Наместо да седнат на маса и машки да се погледнат очи во очи, одлучија да си ставаат забрани. Гевгеличани и забранија на управата на аеродромци да присуствува на вечерашниот меч, точната причина не е позната. Бранителот на титулата очекувано се најде погоден, но и крајно некултурен: Дали Блокотехна до лани играла во Втора лига или не, тоа не е најважното.

Ако управата на клубот барем малку собрала искуство од АБА-лигата и го додаде она уште поголемо искуство од редовното учество во најсилната кошаркарска лига кај нас, во тој случај не треба да падне ниско. Напротив на неискусните и дебитанти во Првата лига треба да ги подучи, за да и тие во иднина се однесуваат џентламенски...

Блокотехна е тимот против кого се крева најмногу прашина...КК Гостивар по соопштението упатено кон МКФ за ригорозните казни, суспензијата на првиот тренер Марјан Србиноски од два меча и паричната казна од 140.000 денари, „удри" кон гевгеличани, кои јавно се пожалиле за условите под кои играле во Гостивар.
Спонзорите на Гостивар кои јавно не сакаат да се откријат, а кажуваат дека вложуваат многу во кошарката, потег кој е за поздрав, и се извинија на Блокотехна што играле пред полна сала, но повторно употребија низок удар...Измешаа „баби и жаби", како на пример синот на комесарот за натпреварување, Цветковски..

Ова е само дел од циркусот...по едни вакви препукувања се прашуваме на што ли ќе личи лигата во продолжение. Во средина во која сите се суетни и паметни, тешко можеме да очекуваме напредок. Кошарката токму поради овие причини од година во година тоне, а салите ретко кога се исполнети, на никого повеќе и не му се доаѓа ниту поради сеир...

Најново во Кошарка