„ЦЕНТАРЦИ“ ДОБИВААТ ГОЛЕМО ЗАСИЛУВАЊЕ

Легендата повторно дома: Перо Блажевски ѝ се враќа на првата љубов – Работнички!

Поранешното крило на тимот од „Градски парк" во иднина ќе работи како асистент-тренер во стручниот штаб предводен од Марин Докузовски.

објавено: 10 август 2015 - 21:16

Еден од кошаркарите со најдолг репрезентативец стаж и најголем број одиграни средби во жолто-црвениот дрес, Перо Блажевски (42), следната сезона ќе работи како помошник-тренер на Марин Докузовски во таборот на Работнички, дознава „Спортмедиа“ од извори во клубот од „Градски парк“.

За легендарното крило тоа ќе значи враќање дома односно во средината каде што во почеток од деведесетите години од минатиот век ја почна својата кошаркарска приказна. Во својата дури 23-годишна играчка кариера, Блажевски во три наврати настапуваше за првата љубов и тоа помеѓу 1990 и 1994, а потоа и во сезоните 1997/98 и 2010/11 година.

Во меѓувреме, значаен период мина во дресот на МЗТ Скопје (1995-1997, 1998-2000 и во 2008/09), каде што се впиша во историјата како стрелец на поените со кои овој тим го сруши големиот Реал Мадрид. Тој беше дел и од екипите на Никол Ферт, Куманово, Вардар, Торус и Кожув, каде што пред две сезони ја заврши играчката кариера. Зад крилото се настапи и во странство и тоа за португалска Луситанија, словенечки Хелиос и косовските екипи Сигал Приштина и Кастриоти Феризај.

Тренерскиот дел од својот кошаркарски опус го почна како асистент во таборот на Струмица, каде што мината сезона работеше заедно со Златко Зетов, додека летово е дел од стручниот штаб на националниот тим на Македонија, пред кој е настап на Европското првенство (ЕП) во прелиминарната група во Загреб заедно со Хрватска, Словенија, Грција, Холандија и со Грузија.

Блажевски всушност ќе го пополни испразнетото место во стручниот штаб на Работнички останато по заминувањето на актуелниот македонски селектор, Марјан Србиновски, кој во моментов е без ангажман, а кој пред извесно време беше поврзуван со трансфер во бугарскиот прволигаш Черно море.

Игор Крстевски

Најново во Кошарка