ЦЕНТАРОТ ЌЕ БИДЕ КООРДИНАТОР НА ТАЛЕНТИТЕ

Легендата во нова улога: Гечевски ќе го враќа стариот сјај на младинската школа на Работнички

Еден од најдобрите кошаркари во македонската историја, Тодор Гечевски, од денеска и официјално отвора ново поглавје во својата кариера и тоа како координатор на младинските школи на Работнички.

објавено: 17 август 2015 - 14:17

Русокосиот центар реши дека е време за нов предизвик, а неговите размислувања се поклопија со тие на управата на „центарци“ во делот на враќањето на стариот сјај на некогаш најраскошната ризница на таленти. Планот е собирање на сѐ што е квалитетно во сите возрасни категории, а потоа брусење и обликување на кошаркарските дијаманти со цел во сениорскиот состав на Работнички повторно да доминираат играчи излезени од матичната школа.

„Официјално можам да потврдам дека од денеска Гечевски е координатор на младинските школи во нашиот тим. Среќни сме што тој реши да остане во нашата средина и што се најдовме во размислувањата во делот на иднината на Работнички. Под негови ингеренции ќе биде сѐ што е поврзано со работата и со координирањето на младинските категории, кои се надеваме многу брзо ќе го вратат стариот сјај и повторно ќе бидат наша најголема гордост“, ни изјави извршниот директор на Работнички, Васко Кичевски.

Новиот ангажман за Гечевски речиси сигурно ќе значи и крај на играчката кариера, но тоа во моментов не е потврдено од центарот, кој одбележа речиси две децении од македонската кошарка. Постојат мали шанси тој и следната сезона да му помага на подмладениот состав на „центарци“, но засега е поизвесно дека русокосиот центар ќе замине во пензија и паркетот ќе го замени со клупската канцеларија.

Гечевски кариерата ја почна во кавадаречки Тиквеш, во Македонија играше уште и за Никол Ферт, МЗТ Скопје и Работнички. Најблескавиот дел од играчкиот опус го имаше во дресот на хрватски Задар, а настапувал и за италијански Ер Авелињо, германски Хаген и грчки ПАОК. Зад себе има пет домашни шампионски титули, два трофеја од првенството на Хрватска, а во пензија ќе замине како најдобар скокач и играч со најголем број индексни поени во историјата на АБА-лигата.

За репрезентацијата на Македонија настапи на четири завршници од Европските првенства (ЕП) и тоа во 1999 во Франција, 2009 во Полска, 2011 во Литванија и 2013 во Словенија.

Игор Крстевски

Најново во Кошарка