Оптимист е новиот стратег на македонскиот шампион

Лукајиќ: МЗТ Скопје има многу подобар квалитет од резултатите

Ги знам силите со кои располагам, а сега најважна задача ми е да ги уверам кошаркарите во квалитетот кој го имаат. И да го насочам сето тоа кон успешни резултати на клубот, вели Жељко Лукајиќ, новиот тренер на МЗТ Скопје

објавено: 9 декември 2017 - 15:25

Српскиот тренер Жељко Лукајиќ веќе пристигна во Скопје и утре ќе го предводи својот нов клуб МЗТ Скопје против Морнар во Јадранската лига. Дебито на клупата на македонскиот шампион за Лукајиќ ќе биде утре од 17 часот.

„Свесен сум дека доаѓам во клуб со голема традиција, а се сеќавам уште кога МЗТ Скопје првпат влезе во најдобрата лига на некогашната заедничка држава. Јасно ми е каде доаѓам, изминатиов период следев сѐ што се случува во АБА-лигата и добро сум запознаен што ме очекува во новата средина. Ги знам силите со кои располагам, а сега најважна задача ми е да ги уверам кошаркарите во квалитетот кој го имаат. И да го насочам сето тоа кон успешни резултати на клубот. И за нив самите е лошо кога влегуваат во низа порази, па затоа сум убеден дека и тие ќе сакаат да дадат сѐ од себе, за што побрзо со заеднички сили да излеземе од кризата. Ќе мора да ја кренеме главата, да поработиме на психолошки план и пред сѐ секој мора да ја сфати својата улога во тимот", објаснува Лукајиќ.

Наследникот на Александар Тодоров ветува само напорна работа со цел МЗТ Скопје да го надмине лошиот период гарниран со порази.

„Рано е за генерални прогнози. Моите очекувања во моментов се сведуваат само на тоа дека и јас и моите кошаркари ќе бидеме професионални и дека ќе го вложиме својот максимум. А, ако го сториме тоа тогаш многу полесно може да ја изанализираме ситуацијата и да дадеме оценка на тоа што го сакаме да крајот од сезоната. Досегашните искуства велат дека ваквите шок-терапии со промени на тренерот носат добри резултати. Но, шокот трае кратко и без максимално вложување на енергијата не може да се направи ништо. Треба да се тренира што е можно повеќе и да се исправаат грешките. Време нема многу со оглед на настапот на две различни натпреварувања. Сепак, секогаш сум оптимист и верувам дека ќе дојдат подобри времиња за тимот кој го преземам", вели српскиот тренер и нов кормилар на МЗТ Скопје.

 

Најново во Кошарка