Ниското крило се пресели во Кавадарци

Марковски две години во Фени Индустри

„Најважно ми беше што добив уверување од кавадарчани дека ќе добијам поголема минутажа"- вели довчерашниот „металец"...

објавено: 13 јули 2016 - 16:24

Потенцијалниот македонски репрезентативец Горјан Марковски, и дефинитивно, си замина од МЗТ Скопје Аеродром. А кариерата ќе ја продолжи како играч на Фени Индустри. Неговото име се спомнуваше како варијанта и засилување на Куманово или неговиот матичен Работнички. Но некако кавадарчани беа најконкретни во преговорите и затоа ќе ги користат неговите услуги во следните две сезони. Потписот на договорот се очекува да биде ставен уште утре.

„Најважно ми беше што добив уверување од Фени Индустри дека ќе добијам поголема минутажа. Пред се затоа што тоа е предуслов да влезам во потребниот ритам и форма. Договорот ќе биде со важност од две години. Факт е дека имав и некои други понуди, но сметам дека направив правилен избор" - потврдува Марковски, кој кариерата ја почна во Работнички, а после успешните игри во Торус во сезоната 2011/2012, тогашниот младински репрезентативец се пресели во МЗТ Скопје со кого освои четири титули по ред.
Сепак, придонесот му беше скромен. Две години се мачеше со повредите на колената, и тие операции и долги периоди на рехабилитација го запреа предвидуваниот развој.

Интересно е тоа што пред две сезони за Фени Индустри настапуваше и неговиот постар брат, Јован Марковски, кој пак по таа сезона во кавадарци, се пресели во Работнички каде што настапуваше во текот на минатата.

Најново во Кошарка