НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА МЛАДИОТ БЕК НА ФЕНИ ИНДУСТРИ

Марковски ги скинал лигаментите – крај на сезоната!

По втор пат во кариерата, истата повреда за потенцијалниот репрезентативец...

објавено: 26 јануари 2018 - 18:25

После Дамјан Стојановски, се чини дека Горјан Марковски е најмалерозниот играч во македонската кошарка.

Звучи неверојатно, но за жал е вистинито, потенцијалниот македонски репрезентативец по втор пат за кратко време, ги скина лигаментите, оние предните, сега и на десното колено.

„За жал, снимките кои ги испратив кај неколку познати доктори од оваа сфера го потврдија истото. Се работи за кинење на предниот вкрстен лигамент на десното колено. Што значи дека ме чека уште една операција. Најверојатно е дека ќе ја реализирам надвор од Македонија. Односно кај доктор Немец во Хрватска, кој и претходно го изведе тој оперативен зафат" - констатира разочарано младиот бек на Фени Индустри.

Сериозен удар за кариерата на Mарковски, ако се знае дека пред неколку сезони мораше да го помине истиот пат. Да ја санира истата повреда, но на левото колено.

„Не знам навистина. На таа средба во Гостивар, паркетот беше доста влажен. Но во моментот кога тргнав во напад, не почувствував дека се работи за истата повреда. Секако воден од тоа некое поранешно „искуство'. Но ете, снимките покажаа дека имам ист проблем. Тоа е, некои велат дека „така требало да биде'. Ќе се соочам и со ова, и ќе излезам уште посилен од оваа ситуација "- порачува Марковски за кого, јасно е, оваа сезона е завршена.

„Здравје, надежите се дека ќе се вратам за онаа наредната"...

Најново во Кошарка