Нова чистка во шампионот

„Метлата“ повторно ќе заигра во МЗТ Скопје

„Спортмедиа“ дознава дека челниците на МЗТ Скопје подготвуваат нови откази. На „црниот“ список се најде Мулуку Сулејман Диабате, а пред излезната врата најверојатно е и Стефан Синовец. 

објавено: 11 јануари 2017 - 10:32

Сосема очекувано. По петте порази во серија во АБА-лигата, челниците на МЗТ Скопје одлучија да направат нови промени во составот, поточно да им се заблагодарат на неколку кошаркари.

„Спортмедиа“ дознава дека прв на „црната“ листа е Мулуку Сулеjман Диабате, а пред излезната врата најверојатно е и Стефан Синовец. 

Диабате кој вчера не тренирал со другиот дел од екипата, дојде во ноември и потпиша едномесечен договор, кој потоа го продолжи до крајот на сезоната. Плејмејкерот поради својата недоволна физичка подготвеност не ги задоволи вкусовите на шампионот.

Од клубот засега нема официјални информации кога ќе биде „чистката“, дали пред или по средбата со Задар в петок.

Од стартот на сезоната до сега, МЗТ Скопје никако не успеа да се стабилизира. На актуелниот шампион не му тргна со играчите, а уште помалку со тренерите. Токму честите промени се дел од причините за крајно лошите резултати во Еврокупот, но и во јадранското натпреварување каде што МЗТ се наоѓа на последното место на табелата со скор од четири победи и 13 порази.

 

Најново во Кошарка