ВЕЧЕРВА ВО „ЈАНЕ САНДАНСКИ" ПРВОТО ВЕЧНО ДЕРБИ ВО СЕЗОНАТА

Може ли МЗТ Скопје да го сопре „непобедливиот" шампион?

Дуелот закажан за вечерва од 20.15 часот, треба да биде вистински тест, особено за домаќинот, да ја испита силата на бранителот на титулата...

објавено: 12 ноември 2018 - 12:00

МЗТ Скопје ги доби сите домашни натпревари во АБА 2 лигата. Но направија „металците" кикс на гости, загубија од Блокотехна, тоа ги симнува место подолу од оние челни позиции во нашата Прва лига.Шанса да го поправат тој минус „сино-белите" ќе имаат вечерва, кога на нивниот терен во СЦ „Јане Сандански" им доаѓа најголемиот конкурент, вечниот противник – Работнички.

Со оглед на раната фаза од шампионатот, јасно е дека овие 40.минути нема да бидат нешто од типот одлучувачки, но секогаш се поважни и вредат повеќе од оние стандардни два бода кои ги носи победата.
Во овој случај, се чини дека истите му се многу поважни на составот од Аеродром, токму поради тоа што се во улога да го „бркаат" бранителот на титулата кој има победа плус, и досега е непоразен во четири натпревари.

„Без оглед на тоа дека дербито доаѓа во раната фаза, секогаш е важно да се биде подобар од Работнички. Наша цел е да го задржиме победничкиот континуитет во нашата сала, така ќе му пристапиме и на дербито со големиот ривал од 'Градски парк' " - најавува Марко Симоновски, човекот кој го одбрани МЗТ Скопје на последното гостување во Охрид.

Во меѓувреме, додека МЗТ играше во АБА2 лигата, Работнички тренираше и на еден хуманитарен натпревар, против ветераните на најтрофејниот наш кошаркарски колектив. Како загревање за она што следува вечерва во Аеродром, каде, за жал, тренерот Марин Докузовски тешко дека ќе може да смета на услугите на Ѓорѓи Чековски.

„Измешани се чувствата кога се играат вакви натпревари. И едни и други, добар дел од играчите нели, сме играле на двете страни, и за МЗТ и за Работнички. Но професионалци сме, така треба да се однесуваме и сега. Досега бевме добри, МЗТ Скопје нема пораз на домашен терен, што го прави дербито крајно неизвесно, и добро за публиката која очекувам вечерва да ја има во поголем број, и од двете страни на трибините"- посакува уште еден репрезенативен актер на дербито, Кирил Николовски.

 


За помош на Борче Цветановски!
И дуелот со Работнички ќе биде хуманитарен
Вечерашното вечно дерби, исто како и неодамнешната пресметка против Сплит ќе го има предзнакот хуманитарен со оглед што МЗТ Скопје Аеродром продолжува со активното учество во акцијата за помош на Борче Цветановски при обезбедување средства за лекување во странство.
Влезниците за пресметката против најголемиот ривал се веќе во продажба по цена од 100 денари и можат да се купат сѐ до почетокот на натпреварот во билетарата пред малата сала во СЦ „Јане Сандански".
Исто како и на последната домашна средба од АБА2-лигата и на овој меч на повеќе локации во салата „Јане Сандански" ќе бидат поставени кутии за донации преку кои спортските вљубеници ќе може да ја искажат својата хуманост и големо срце.

 

Најново во Кошарка