АБА-ЛИГАШИТЕ САКААТ ПОБРЗО ДА ЈА ЗАВРШАТ РАБОТАТА

МЗТ Скопје со измени по брејк во Куманово, „Соколите“ и Работнички на норма

Во сенка на ракометните настани, денеска продолжуваат натпреварите од полуфиналето во плеј-офот. МЗТ Скопе му гостува на Куманово, додека Карпош Соколи е домаќин на Работнички. 

објавено: 7 мај 2017 - 16:30

Во сенка на ракометните настани, денеска продолжуваат натпреварите од полуфиналето во плеј-офот. МЗТ Скопје му гостува на Куманово, додека Карпош Соколи е домаќин на Работнички. Македонските аба-лигаши ќе бараат втора победа.

На вечерашната средба (19 часот) по подолга пауза во составот ќе се најде српскиот интернационалец Стефан Синовец на местото на Душан Катниќ, додека во екипата ќе биде и Љубомир Младеновски. Надвор од стројот и понатаму е капитенот Марко Симоновски.

„Пред нас е нов предизвик, натпревар во Куманово кој сам по себе носи одредени замки кои ќе мора да ги избегнеме ако сакаме да дојдеме до победата. Ќе пробаме да бидеме уште поагресивни и да го контролираме ритамот на средбата, нешто што ни недостасуваше на завчерашната средба во Скопје. Ако успееме да го кренеме нивото, тогаш сметам дека ќе може да се избориме за посакуваната цел, а тоа е 'брејк" и водство со 2-0 во серијата", вели тренерот на МЗТ Скопје, Анте Назор.

Што се однесува до втората полуфинална пресметка, Карпош Соколи и Работнички немаа многу време за одмор. Поради прекинот во петокот, последната четвртина од оваа средба се одигра вчера попладне. 

„Ова е помалку неочекувана ситуација кога играме трет ден по ред, па единствено што синоќа можев да им кажам на играчите беше дека ќе се видиме во соблекувалната на состанок на нецел час пред денешната пресметка. Ова е исклучително важна средба во серијата, но дефинитивно не одлучувачка иако сме свесни за нејзиното значење и за тоа што може да ни донесе победата. Очекувам добар и квалитетен натпревар, што сигурно е важно за македонската кошарка.
Со Работнички се познаваме повеќе од добро, а екипата која денеска ќе биде помалку уморна од другата ќе биде во голема предност. Првиот дуел е веќе заборавен и мислите ни целосно насочени кон вечерашната пресметка. Задоволен сум од тоа што го одигравме претходно, но секако има простор за исправки, кои верувам дека ќе ги направиме и ќе дојдеме до и тоа како посакуваната победа", вели Николиќ.

Најново во Кошарка