Реакција на Кожув

„Наумоски да создаде нормални услови за играње, а потоа да мисли на таксите за странците

По вчерашното гостување кај Пелистер, раководството на КК Кожув излезе со реакција за условите во кои се играат натпреварите од Првата лига

објавено: 22 декември 2016 - 14:20

Времето во поголем дел од градовите во Македонија, како да застанало. Прволигашките натпревари се уште се играат во ладни сали, вистинска реткост се затоплените сали. По вчерашното гостување кај Пелистер во рамките на 7. коло, КК Кожув излезе со своја реакција. 

Гевгеличани испратија порака до првиот човек на Македонската кошаркарска федерација, Петар Наумоски, да прошета низ Македонија и да види во какви услови се игра кошарката, а не постојано да мисли на наплата за таксите за странците. 

„Раководството на МКФ треба да прошета низ Македонија да види во какви услови се игра, а потоа нека зборува за баснословни услови за такси за странци. На некои мечеви се игра на минусни температури. Со вакви услови, нема напредок. МКФ прво нека обезбеди услови, а потоа да бара огромни суми за странците. Парите треба да се дадат за услови во салите, а не за такси за странци. Мечевите се играат во ладни сали и никој ништо не реагира, кучињата лаат, карванот си врви. Освен во Гевгелија, и можеби една-две сали, никаде нема греење. Кај нас има феноменални услови, но секаде каде што гостуваме, мрзнеме", вели претседателот на Кожув, Димитар Димитров.

Но, проблемот не е само салата во Битола, вчера во Куманово, голем број играчи настапија со хеланки и долги ракави, нешто што не е вообичаено за спорт кој се игра во сала.

(ФОТО: Кумановски муабети)

Инаку според Членот 29 од пропозициите за натпреварување на МКФ кој се однесува на температурата во салите, температура во салите за време на натпреварите мора да е најмалку 12 степени целзиусови. 

Иако последните неколку кола се играат во многу студени сали и температурата е под предвиденото со Пропозициите, сезонава се нема случено некој меч да биде одложен. Во минатото имаше случаи кога екипи бараа од делегатот да измери температура за да се утврди дали се исполнети условите.

 

Најново во Кошарка