По два месеци во Струмица, следува селидба во Тунис

Ненад Зивчевиќ продолжува во Далиа Спорт

По Кувајт и Мароко, искусното крило ќе заигра и во шампионатот на Тунис. 

објавено: 22 јануари 2017 - 15:00

Не мирува Ненад Зивчевиќ. иако во изминатите два месеци се обврза на едногодишна соработка со Струмица, македонскиот кошаркарски „глобтротер" ќе направи уште еден интернационален премин во својата кариера.
Односно понатамошното играње во македонскиот прволигаш ќе го замени со она во тунискиот кој се нарекува Далиа Спорт Громбалија.
И покрај тоа што имаше договорна обврска која го „држи" да биде играч на Струмица до крајот на оваа сезона, сепак, Зивчевиќ доби „одврзани раце" од раководствотo на клубот кој во изминатите неколку денови доживеа вистинска „трансформација". Како играчка, така и тренерска.

„Да, веќе во вторник заминувам за Тунис, каде и ќе играм во наредниот период како играч на екипата Далиа Спорт Громбалија, или како што таму го нарекуваат ДСГ"- потврдува искусното крило, кој не заборава на она што го доживеал во овие последни денови од двомесечниот престој на југот на Македонија.

„Го користам овој момент преку кој сакам посебно да им се заблагодарам на двајца луѓе во КК Струмица. На претседателот на клубот, Лефтер Андонов, кој испадна максимално коректен со мене. И кој е еден од ретките први луѓе во македонската кошарка кои се од збор, и ги испочитувал сите свои обврски спрема мене. Но и на првиот тренер на екипата, Златко Зетов, со кого имав навистина одлична соработка во овие неполни два месеци. Тоа нема никогаш да го заборавам" - дополнува Зивчевиќ, кој додека играше за Струмица, на оние седум мечеви во просек реализираше по 15. поени, 3.4 асистенции и 3.1 скока за просечни 30.3 минути поминати на теренот.

Ова ќе биде негово трето излегување надвор од границите на Европа затоа што во сезоната 2013/2014, беше неговиот прв интернационален ангажман во кувајтскиот Ал Араби. А потоа, пред сезоната 2015/2016 го потпиша договорот со Чаба Риф Ал Хоцеима, екипа од елитната дивизија на Маркоко.

Оваа ја почна во Струмица, извесно е ќе ја заврши во тунискиот ДСГ, кој засега има негативен ефект од пет победи и осум порази во 13. одиграни кола.

 

Најново во Кошарка