ВТОР КРУГ ОД ПРВАТА ЛИГА

НЕОБИЧЕН АМБИЕНТ ЗА ИГРАЊЕ: Стинг ги сели „соколите“ во мала сала, Работнички без публика!

Карпош соколи е принуден да ја напушти големата сала на спортскиот центар „Борис Трајковски" бидејќи е зафатена со подготовки за концертот на музичката суперѕвезда Стинг, па натпреварот со Струмица ќе го игра во малата сала.

објавено: 14 октомври 2017 - 13:00

Двата натпревара во Скопје ќе се играат во невообичаен амбиент, но причините се оправдани. Карпош соколи е принуден да ја напушти големата сала на спортскиот центар „Борис Трајковски" бидејќи е зафатена со подготовки за концертот на музичката суперѕвезда Стинг, па натпреварот со Струмица ќе го игра во малата сала.

Во малата сала на СЦ „Борис Трајковски" во минатото се играа прволигашки мечеви, но потоа беше забрането бидејќи не исполнуваше некои критериуми. По големата победа над МЗТ, „соколите" покажаа дека имаат квалитет, но не смеат премногу да се опуштаат против струмичани, кои имаат неколкумина Американци во своите редови. Домашните се големи фаворити, би требало да го добијат овој меч и шанса за настап да добијат некои од помладите домашни играчи.

Некогаш, меч помеѓу Работнички и Фени индустри беше жестока битка за титулата, а сега е битка за престиж и за место во Суперлигата. Домашниот терен е предноста на Работнички, но „Градски парк" ќе биде празен, поради казна на најтрофејниот клуб од минатата сезона.

Нема да ја имаат поддршката од публиката, но „црвено-белите" ќе ја имаат поддршката од Ѓорѓи Чековски, кој се враќа на теренот по одлежувањето на суспензијата од еден меч. Со Чековски во составот, Работнички е посилен на двете страни од теренот. Фени има голем проблем со одбраната, што се виде во првото коло против Гостивар, а сега повторно ќе биде ставен на сериозен тест, против екипа која има повеќе офанзивни оружја.

ПРВА ЛИГА, ДВОЈКИ, 2. КОЛО
ДЕНЕСКА:
15.00: К. Соколи – Струмица
Сала: „Борис Трајковски" (мала) - Скопје
Судии: И.Митровски-Мијалковски-Петровиќ
Делегат: Дојчиновски
18.00: Гостивар – Кожув
Сала: „Младост" - Гостивар
Судии: Антовски-Лазов-Панов
Делегат: Петковски
18.00: АВ Охрид – Куманово
Сала: „Билјанини извори" - Охрид
Судии: З.Митровски-Цветаноски-Давидов
Делегат: Угринов
18.30: Блокотехна – Пелистер
Сала: „НБ Ноел" - Гевгелија
Судии: Терзиевски-Јанков-Стојчевски
Делегат: Пиперков
19.00: Работнички – Фени Индустри
Сала: „Градски парк" - Скопје
Судии: Денковски-Ѓорески-Михајловиќ
Делегат: Крстевски
СРЕДА (18.10.)
Шкупи – МЗТ Скопје

 

 

Најново во Кошарка