СКОПЈАНИ ОДЛИЧНИ ВО ОХРИД

Никогаш не го потценувај Работнички: „Центарци“ го торпедираа Кожув за финале во Суперкупот!

Кошаркарите на Работнички се пласираа во финалето од „Хуавеј Суперкупот", откако попладнево, во охридската сала „Билјанини извори", го совладаа тимот на Кожув (79-56) и тоа изненадувачки лесно, со оглед на тоа што пред мечот беа сметани за големи аутсајдери поради подмладувањето и играчките промени во текот на летото.

објавено: 26 септември 2015 - 19:05

Но, „центарци“ покажаа дека се посилни од сите проблеми и одиграа одличен меч, пред се во шутерскиот дел , буквално торпедирајќи го противникот со удари за три поени. Скопјани постигнаа дури 12 тројки (од 28 обиди), десет повеќе од противникот, кој промаши дури 17 пати од оваа позиција. Тимот од „Градски парк“ одигра и далеку поколективно од противникот, за што говорат и осумте асистенции повеќе во однос на гевгеличани (17-9).

Средбата почна во знакот на Кожув, кој поведе со 7-2, а релативната изедначеност со повремено минимално водство на екипата од Гевгелија траеше се до финишот на првото полувреме. Тогаш, следуваше серија 10-1 за плус девет за Работнички (37-28), што беше своевиден предзнак за победа за пласман во финалето на црвено-белите.

Третиот период почна со со четири поени во низа за условниот фаворит, што како да беше најава за пресврт (34-39), но следуваше нова одлична серија на „центарци“ изразена со 12-2 за прво двоцифрено водство (51-36) и најава на значајната победа за подмладениот скопски состав. Ова, пак, како да го крена белото знаме во редовите на Кожув, чии кошаркари беа ужасни во секој сегмент од играта, што резултира и со негатива од дури 26 поени разлика (47-73) во меч во кој сите очекуваа нивна лесна победа.

Репрезентативниот двоец со „отворен“ договор, Стојан Ѓуроски и Бојан Крстевски, одигра одличен натпревар за Работнички, а за истакнување е и настапот на 19-годишниот Андреј Цветковски. Првиот средбата ја заврши со 17 поени со пет тројки, вториот застана на 14 поени и осум скока додека третиот беше изненадување на вечерта со 15 поени (три тројки). Мотор на сѐ кај „центарци“, пак, беше ветеранот Димитар Мираковски со 14 поени и осум асистенции. Кај лошиот Кожув нешто подобри од останатите беа Брендон Пен со 11, Владимир Брчков и Алексеј Нешовиќ со по 10 поени.

Вториот финалист во Суперкупот ќе биде познат по мечот помеѓу МЗТ Скопје и Куманово, кој ќе почне во 20.15 часот. Големото финале е закажано за утре од 19.30 часот.

фото: www.ohridnews.com

Најново во Кошарка