„СОКОЛИТЕ ОСОКОЛЕНИ, МЗТ СКОПЈЕ СЕ ПОТПИРА НА НАВИВАЧИТЕ

Николиќ: Прогнози во вакви пресметки се неблагодарни. Назор: Победата е наш императив

Вечерва (19 часот) во СЦ „Јане Сандански“ се игра третата финална пресметка меѓу МЗТ Скопје и Карпош Соколи. Победникот на овој дуел ќе се најде на чекор до титулата. 

објавено: 19 мај 2017 - 14:25

По триумфот над МЗТ Скопје, Карпош Соколи дека оваа година нема да гледаме здодевно финале. Резултатот е 1-1, а новата пресметка за титулата се игра вечерва (19 часот) во СЦ „Јане Сандански“, победникот на овој дуел ќе се најде на чекор до крајната цел - пехарот.

„Соколите“ очекувано се осоколени по одличната партија на вториот меч. Покажаа дека нема да биде незаслужено доколку пишат нова историска страница и сезоната ја завршат со двојна круна. Сепак и покрај добрата игра, тренерот на „карпошовци“ Драган Николиќ е претпазлив. 

„Без разлика на тоа што се случуваше во првите две средби од финалето, сето тоа треба да се заборави и фокусот да се насочи само кон тоа што претстои. Било какви прогнози во вакви пресметки се неблагодарни, иако на некој начин секогаш во блага предност е екипата која победила на последниот натпревар. Но, повторно ќе кажам дека е неблагодарно однапред да се го вори што ќе биде или да се прогнозира ваков финален дуел, кој сам по себе секогаш носи посебна приказна. Психофизичката подготвеност одново ќе биде клучен фактор, а екипата која подобро ќе го искористи одморот и поадекватно се подготви за мечот ќе биде во блага предност. Вечерашната средба е важна за двата тима, но не и решавачка за серијата во која многу работу уште можат да се случат. Серијата се игра до три победи, а во моментов е 1-1 што значи дека многу опции се во игра. Не очекувам посебни изненадувања, а натпреварот ќе го реши оној кој има похрабри и помотивирани кошаркари. Се надевам дека тоа ќе биде Карпош Соколи, но да видиме како ќе помине вечерашната пресметка", изјави тренерот Драган Николиќ.

Што се однесува до МЗТ Скопје, кошаркарите на актуелниот шампион со помош на публиката посакуваат да го вратат водството и да докажат дека дуелот со Карпош Соколи е само лош ден. 

„Противникот нѐ изненади во претходниот дуел, пред сѐ со нивниот напад каде што максимално ја казнуваа секоја наша грешка. Ние премногу лесно влеговме во натпреварот и тоа скапо нѐ чинеше. Дозволивме Карпош Соколи да направи 15 офанзивни скока и речиси третина од поените да ги постигне од втор или трет напад, што е недопустливо во ваков вид пресметки. Моите играчи мора да сфатат дека без целосна фокусираност и максимална борбеност нема да може да го остварат посакуваното. Во вечерашниот дуел треба да влеземе без калкулации и конечно уште од самиот старт да почнеме да играме како што знаеме, а не само во последната четвртина. Такво нешто беше доволно во првиот, не во вториот беше предоцна за било каков камбек. Треба постојано да бидеме на рацете на противничките кошаркари за да немаат лесни шутеви од далечина, а исто така да ги браниме адекватно кога ќе добијат топка под нашиот кош. Само така ќе може да дојдеме до победата, која е наш императив на вечерашниот дуел", изјави хрватскиот стратег на клупата на МЗТ Скопје Аеродром.

Најново во Кошарка