СРБИНОТ ЗАМИНУВА

Николиќ веќе нема да ги лета „соколите“

По долги и интензивни преговори двете страни не успеаја да најдат заеднички јазик околу продолжување на соработката.

објавено: 23 јуни 2017 - 16:15

Српскиот стратег со македонски пасош, Драган Николиќ, повеќе не е тренер на Карпош Соколи, откако по долги и интензивни преговори двете страни не успеаја да најдат заеднички јазик околу продолжување на соработката.

Без разлика на ваквата меѓусебна одлука, името на Николиќ засекогаш ќе остане запишано во историјата на клубот, поради фактот што го остави своето срце во изминативе месеци откако дојде на клупата на „соколите", но пред сѐ поради остварените резултати како во АБА-лигата така и во двете домашни натпреварувања.

Популарниот Гаги засекогаш ќе биде тренерот кој го донел првиот пехар во клупската историја, тој во Купот на Македонија како и вицешампионскиот епитет по херојската игра во големото плејоф-финале и поразот во дури максимални пет натпревари.

За паметење ќе остане и неговиот учинок во регионалното натпреварување, особено што дојде во една безизлезна ситуација кога екипата сѐ уште немаше ниту еден триумф. Николиќ успеа да го крене тимот, да им ја врати самодовербата на играчите, што резултираше во своевидно воскреснување и краен епилог од десет победи во АБА-лигата и делба на фантастичното осмо место на табелата.

Заминувањето на српскиот стратег од редовите на Карпош Соколи не значи и дека во догледно време соработката нема да биде обновена, бидејќи остануваат неговите пријателски односи со сите од таборот на „соколите".

 

Најново во Кошарка