СОРАБОТКА НА „ВЕЧНИТЕ“ ВО НАЈМЛАДИТЕ ВОЗРАСНИ КАТЕГОРИИ

ОД МАЛИТЕ ТАЛЕНТИ ДА ИЗЛЕЗАТ ГОЛЕМИ ЛУЃЕ И КОШАРКАРИ: МЗТ и Работнички се дружат и соработуваат!

Лутите спортски ривали, Работнички и МЗТ Скопје Аеродром, почнаа соработка во најмладите категории, поточно во мини-баскет, и со тоа се надеваат дека ќе го зголемат интересот кај децата за тренирање кошарка.

објавено: 13 ноември 2017 - 15:20

Големите спортски ривали, Работнички и МЗТ Скопје Аеродром, почнаа соработка во најмладите категории, поточно во мини-баскет, и со тоа се надеваат дека ќе го зголемат интересот кај децата за тренирање кошарка.

„За прв пат од постоењето на овие два клуба, реализирана е соработка помеѓу најмладите категории. Идејата е конкурентските клубови да направат нешто заедничко. Знаеме каква е ситуацијата во кошарката. Сакаме да ги наполниме салите, децата викендот да го поминат во салите каде резултатот е второстепен, а доминира дружбата. Имаме и најава за идни проекти заеднички да истуркаме нешто ново и позитивно. Би можеле да го примениме и во оние повозрасни категории. Ова е пилот-проект и почеток на една соработка, а на крајот на секој циклус ќе направиме анализи на сработеното, односно каде би можеле да ја прошириме соработката и во кој правец би одело сето тоа"- вели Дарко Здравковски кој е дел од овој навистина одличен проект на двата наши најголеми клуба.

Тодор Гечевски, кој е координатор на младинските категории во Работнички, смета дека оваа соработка е добра за развој на кошарката во градот Скопје, а се надева дека наскоро ќе се прошири и низ цела Македонија.

„Најважно е овие деца кои тренираат во школите, а не играат во лигите на МКФ, да ги анимираме и да ги воведуваме во светот на кошарката. Ние како два најголеми клубови во историјата на Македонија, имаме голема обврска, да го подигнеме нивото на кошарката, да се обидеме овие младински школи да прават подобри резултати со тоа што бенефит би имале сите. Младите генерации да ги запознаат вистинските вредности на спортот. На крајот на краиштата, ако не станат кошаркари, да станат подобри луѓе. Спортот е дел од општествениот живот, и во наш и интерес на целото општество е да имаме здрава младина која правилно ќе се развива, ќе се учи на правилни вредности" - смета Гечевски.

Огнен Стојановски е вклучен во овој проект, од страната на МЗТ Скопје, како одговорен за младинските селекции кај „металците".

„Стартувавме претходниот викенд, продолжуваме наредниот кога ние ќе бидеме домаќини. Поентата е да направиме соработка помеѓу градските ривали на едно друго ниво, кај оние помлади членови. Целта е да има дружба, да има соработка, позитивна енергија, нешто поразлично од она што досега било. Знаеме дека генерациите 2007, 2008, 2009, 2010 не се натпреваруваат во лигите кои се во организација на федерацијата. Сакајќи да им го зголемиме ентузијазмот, желбата, меѓу другото, да дојдат родители, настанот да се претвори во еден убав кошаркарски хепенинг. Кошарката не е на тоа ниво на која што била во претходните години. Сакаме да придонесеме во насока на зголемување на бројот на деца кои што сакаат да се занимаваат со овој спорт" - вели Стојановски.

Александра Саздовска-Стефановска е претставник на „Лекс Груп", генералниот спонзор на младинската школа на КК МЗТ Скопје. Како што вели, целта е да вложуваат и да инвестираат во младинската школа и да ја издигнат на уште повисоко ниво, со постојна интеракција со децата, тренерите, родителите...

„Очекуваме од оваа наша соработка дека од малите ќе излезат големи таленти, затоа и ги подржуваме. Големите таленти, со текот на времето, ќе преминат во првиот тим. Колку повеќе таленти, толку подобро за нас како ’Лекс Груп’, и секако за МЗТ. Ние како спонзори го подржуваме овој нов проект помеѓу Работнички и МЗТ Скопје. Ние би сакале сето тоа и да се прошири со некои други екипи. Поддршката ќе биде и финансиска и морална. Сите кои се дел од овој проект добија нови дресови" - изјави Саздовска-Стефановска.
Б. Радуловиќ

Најново во Кошарка