ПРОМЕНА ВО МЛАДИНСКИОТ СЕГМЕНТ НА ШАМПИОНОТ

Огнен Стојановски – нов директор на младинската школа на МЗТ Скопје

Некогашниот играч на шесткратниот шампион е промовиран во прв човек на младинскиот погон... Првата акција, отворање на конкурс за ангажирање на нови тренерски имиња во школата.

објавено: 15 август 2017 - 14:20

Огнен Стојановски е нов директор на младинската школа на МЗТ Скопје Аеродром.

Некогашниот играч на „металците" ја доби довербата на клупското раководство да ја продолжи работата на Филип Ѓоревски, кој беше на оваа функција во изминатиот период.
Практично од тренерската позиција (работеше со генерцијата на играчи родени 2001 година), Стојановски се префрли во улогата на координатор на сите возрасни категории кај шестратниот македонски шампион.

„Благодарност за укажаната доверба од страна на раководството на клубот. Сметам дека имам капацитет, желба за работа да му помогнам на клубот во овој сегмент од функционирањето. Во текот на изминатата година, се запознав со работата во делот на младинската школа. Сметам дека како и секогаш има простор за одреден напредок. Од таа причина и ја прифатив понудата да бидам 'споната' во клубот во овие зворасни категории"- вели Стојановски.

Првиот чекор го подигнувањето на нивото на функционриање на овој младински сегмент кај „сино-белите", како што најавува Стојановски, ќе биде фомирање на оној тренерски тим.

„Одиме максимално транспарентно во работата. Уште во текот на утрешниот ден, ќе го објавиме оној официјален конкурс, преку кој треба да дојдеме со соодветни решенија за тренерските позции во клубот односно школата. Отворени сме за соработка со сите оние кои сакаат да работат во МЗТ Скопје. И не само тоа, да ги унапредат своите знаења преку работа во клубот кој е број 1 во Македонија".

Стојановски вели дека има време сето тоа да се вклопи во некоја идеална средина на функционирање.

„Роковите нема да бидат долги, затоа што пред нас е новата сезона. Искрен да бидам очекувам брзо да го затвориме овој дел, за да бидеме подготвени, таму некаде во првите денови од септември, да почнеме со максимален ангажман на сите кои ќе бидат вклучени во проектот, кој всушност ќе биде своевидна надградба на досега сработеното, говориме нели за овој младински сегмент од функционирањето на клубот" - дополнува новиот „прв човек" на школата на МЗТ Скопје Аеродром.

Б. Радуловиќ

 

Најново во Кошарка